26/04/2024
Македонија

Министерката Шекеринска на работилницата на НАТО за воени партнерства

Министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска денеска ја отвори НАТО-работилницата за воени партнерства чиј домаќин оваа година е Република Македонија, каде истакна дека тоа претставува потврда дека Македонија е определена да работи водена од вредностите кои ги споделуваат земјите-членки на НАТО, вредности во кои македонските граѓани силно веруваат, како правдата, слободата и демократијата.

Работилницата за воени партнерства на Алијансата секоја година претставува централен настан на кој се разговара за потребите и начините за успешна соработка помеѓу 41 НАТО-партнер. Оваа година Македонија е домаќин на 180 претставници на НАТО земјите и земјите-партнери.

По отворањето на работилницата, министерката Шекеринска истакна Македонија има важни задачи кои треба да ги исполни пред самитот на Алијансата во Брисел во јули, но и дека најголем дел од критиките споменувани на претходните самити сега веќе не се сметаат за слабост за Македонија.

„Покажавме дека во делот на демократски реформи, на состојби со медиуми, владеење на право, состојби во администрацијата и меѓуетничките односи, Македонија буквално направи големи чекори напред и тоа ни дава за право да очекуваме таа промена во Македонија, да ја верификуваат, да ја потврдат и да ја ценат сите земји членки и НАТО алијансата“, рече министерката. Дополни дека соработката на Македонија со НАТО, не само што се одвива со засилено темпо, туку од почетокот на годинава, со конкретни чекори Македонија покажа дека е партнер на кој НАТО може да се потпре. „Го зголемивме буџетот во одбраната, ги зголемивме платите на воениот персонал, ги зголемивме нашите учества во мисиите кои што се предводени од НАТО и најавивме дека до средина на оваа година ќе завршиме крупниот момент на нашиот стратешки одбранбен преглед“, порача министерката.

Шекеринска изрази уверување дека НАТО алијансата ќе ја препознае клучната посветеност и цврстата политичка волја на Владата и на мнозинството граѓани во Република Македонија за остварување на стратешкиот приоритет, а тоа е членство во НАТО алијансата, кој остана непроменет и во најтешките моменти и во најдлабоките кризи во кои што Македонија беше во минатото.

Пред заменик-командантот на Главната команда на сојузничките сили на НАТО за Европа, генералот сер Џејмс Еверард и заменик-началникот на штаб во Директоратот за воени партнерства, генерал-мајор Од Егил Педерсен, министерката изрази очекување дека во текот на денешниот ден Владата ќе донесе позитивна одлука за дополнување на македонскиот контингент на северот на Авганистан, под раководство на Германија, со тројца офицери, во период од 4 месеци, односно во периодот на избори во оваа земја.

„Барањето е на барање на германската министерка за одбрана. Ние покажуваме дека Македонија може навреме да донесе одлуки и да функционира не само како партнер, туку и како член на НАТО – Алијансата. Свесна сум дека впечатокот во рамките на НАТО е дека нашето учество отсекогаш било сметано за многу конструктивен, многу позитивен фактор во полза на нашето членство во НАТО“, додаде министерката.

Генералот Еверард истакна дека е импресиониран од професионалните стандарди на припадниците на Армијата и дека тие тоа го покажуваат во рамките на мисијата на НАТО.

Генералот Педерсен, пак, порача дека за Директоратот ова е најважниот настан на годината и дека партнерствата се основа за односите на НАТО со партнерите и пријателите.

Министерката Шекеринска денеска во Владата на Република Македонија имаше и засебна средба со заменик-командантот на Главната команда на сојузничките сили на НАТО за Европа, генералот Еверард.

Неколкудневната работилница на која ќе учествуваат 180 претставници од земјите на НАТО и земјите-партнери ќе опфати повеќе теми – операциите предводени од НАТО и учеството на партнерите во овие операции, хармонизацијата на партнерските процеси, едукацијата, обуките и тренинзите. Дел од работилницата ќе биде и презентацијата на 15 образовни капацитети на НАТО и на партнерите, чиј дел е и единствениот НАТО-партнерски центар во Република Македонија, Регионалниот центар за односи со јавноста, како и НАТО-школата во Оберамергау.