25/04/2024
Македонија

Министерот за надворешни работи на СР Германија Маас, на свеченоста по повод наградата на Минхенската конференција за безбедност

Наградата „Евалд Фон Клајст“ што Минхенската конференција за безбедност ја доделува како признание за особен придонес за мирот и стабилност во светот и за афирмација на принципите на трансатлантската алијанса, на двајцата премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, им ја врачи министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија Хаико Маас.

Во прилог на ова соопштение, во го пренесуваме интегрално говорот на министерот Маас на свечената церемонија по тој повод:

Почитуван Премиер Ципрас,
Почитуван Премиер Заев,
Почитуван министер претседател Содер,
Почитуван господине Ишингер,
Екселенции, дами и господа,

Конфликтот за име никогаш не е само борба меѓу зборови. А конфликтот меѓу Скопје и Атина никогаш не беше само за име. Тој допираше подлабоки прашања, тој допираше до идентитетот. Тоа е конфликт кој навлезе во историјата, историја исполнета со взаемно иритирање и провоцирање. И неговите последици беа сериозни. 27 години тој конфликт ја попречуваше економската интеграција на целиот регион. Тој ги забави евроатлантските интеграции и беше постојан извор на спорови меѓу двете земји, не само меѓу нив, туку и во меѓународните односи.

Се поставува прашањето, што се случи и што е поразлично по 27 долги години? Одговорот е: вие. Вие се случивте, господине премиер Ципрас и господине премиер Заев. Ние ја славиме вашата храброст, храброста да кажете: „Може да го решиме ова. Нема да дозволиме конфликт од минатото да ги замагли изгледите на нашата иднина“. Храброста што беше потребна да се согласите на болни компромиси и да се борите за Договорот од Преспа и покрај силната спротивставеност во двете земји. Не можам да се сетам на многу шефови на влади, господине премиер Ципрас, кои останале на своето и покрај опасноста тоа да стави крај на нивната коалициска влада. Двајцата ѝ пркосевте на ситуацијата. Решавањето на прашањето за името никогаш не беше едноставна задача. Стотици дипломати од вашите земји, од ООН, од Европската Унија, од НАТО, бараа решение и под дрво и под камен. Во изминатите години специјалниот пратеник на ООН, Метју Нимиц, предложи десетина различни имиња. Всушност, кога тој започна да работи на ова прашање, вие двајца сè уште студиравте. А вашите министри за надворешни работи, моите колеги Никола и Никос, минаа денови и мошне долги ноќи, преговарајќи меѓу себе. На сите ним им должиме почит и благодарност.

Но сепак, вистинска борба започна по церемонијата за потпишување на договорот. Кога во септември ги посетив Атина и Скопје, шансите за спроведување на договорот беа многу мали. Се водеше огромна кампања против договорот, која беше поддржана и од заинтересирани земји. Во Грција илјадници луѓе протестираа на улиците. Она што ми ја врати надежта беше вашиот оптимизам. Кога го прашав премиерот Заев како да го насочиме договорот низ фазата на ратификација, тој се насмевна и рече: „Да беше лесно, немаше да мора ние да го правиме“. Таков беше духот на преговорите, тој беше гаранцијата за успех. Успеавте да ја свртите страницата на конфликтот од минатото, отворивте ново поглавје на добрососедски односи. Го поплочивте патот на Северна Македонија, да стане најновиот сојузник на НАТО и брзо да се придвижи кон Европската Унија.

Вашиот успех излегува не е само регионален. Тој го инспирира светот. Еден мој меѓународен колега пред неколку недели ми рече: „Деновиве, надежта ни доаѓа од Балканот“. Тоа многу кажува за обемот на вашето достигнување, но кажува многу и за сегашната состојба во светот. Во тој свет Европа има само еден избор: обединување или откажување. Вие двајцата отсекогаш сте го разбирале тоа. Вие го одбравте патот на компромис и почит, на мир и регионална стабилност. Во суштина, вие го одбравте европскиот пат. Во време кога популистите расправаат дека Европската Унија сака да го избрише нашиот национален идентитет, вие ги научивте моќна лекција: не губите ништо кога дејствувате европски.

Напротив, Европа значи да се добие дополнителен идентитет – европски. Може да бидете горд граѓанин на Скопје, на Северна Македонија и на Европа, во исто време. Убавината на нашиот европски идентитет лежи во тоа што нè обединува во нашата различност.

Господа премиери Заев и Ципрас, Евалд Фон Клајст се одликувал со многу од особините кои вие ги покажавте. Ги одбил сите форми на национализам, покажал огромна храброст кога се приклучил на силите на отпорот за да стави крај на нацистичкиот режим. И никогаш не престанал да верува во способноста на луѓето заеднички да работат во полза на мирот.

Затоа, не можам да се сетам на други двајца подостојни приматели на наградата Евалд Фон Клајст од вас двајца, Алексис Ципрас и Зоран Заев. Ви честитам за наградата Евалд Фон Клајст и ви благодарам што сте вистински европски лидери.

https://www.youtube.com/watch?v=XMbQC6NCD-M