26/04/2024
Охрид

МЛС: Нови 415 илјади евра од Европската Унија и од Министерството за локална самоуправа за поддршка на туризмот на Охридскотото Езеро

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, заедно со градоначалниците на Охрид и на Поградец, Јован Стојаноски и Едварт Капри, заменикот министер за туризам на Република Албанија Хајрула Чеку и претставникот на Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини, денеска во Охрид го промовираа проектот Охридско Езеро-Безбедна дестинација за авантуристички туризам.

Проектот во вредност од 415 евра е финансиран преку ИПА Програмата на Европската Унија за прекугранична соработка во висина од 85 насто, а 15 насто се обезбедени од страна на Министерството за локална самоуправа што ја координира Програмата.

„Во рамките на овој, првиот повик за проекти за прекугранична соработка со Албанија, во вториот програмски период, на потенцијалните корисници на располагање им беа ставени скоро 3 милиони или конкретно 2 милиони и 890 илјади евра од Европската Унија и 15 насто национално кофинансирање што од македонска страна го покрива Министерството за локална самоуправа. На овој начин им помагаме на апликантите и ги мотивираме да поднесуваат повеќе и поквалитетни проекти како начин да реализираме што повеќе средства од ИПА Програмата на Европската Унија. Ова е еден од деветте проекти одобрени во рамките на првиот јавен повик, со кои што се реализирани 99 насто од расположливите средства. Аргументите говорат за исклучително успешна реализација и се доказ за заинтересираноста и подготвеноста на апликантите,“ рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, кој што ја поздрави иницијативноста и иновативноста на носителите на проектот, општините Охрид и Поградец.

Со проектот ќе се формираат и опремат два спасувачки центри за ефикасни интервенции во вонредни ситуации: Центар за спасување на планина во Охрид и Центар за спасување на вода во Поградец и ќе бидат обучени околу 80 спасувачи.

Новоформираните центри за спасување и воспоставените процедури и стандарди за управување со ризици, ќе бидат активно промовирани кај туристички агенции, туристички оператори и туристички провајдери, со цел да се искористат за подобрување на конкурентноста на регионот „Охридско Езеро“ како атрактивна дестинација за авантуристички туризам.