27/04/2024
Македонија

Народната банка ги едуцира граѓаните како да се заштитат од измами преку сомнителни пораки

Народната банка обезбедува финансиска едукација преку која ги информира граѓаните за ризиците од кибернапади, како што е измамата преку сомнителни пораки (фишинг). Брзиот технолошки развој и дигитализацијата, отворањето на ИТ-системите кон надворешни платформи за комуникација, сè повисокиот износ на електронски трансакции наметна потреба од јакнење на свесноста и засилена едукација на граѓаните за безбедносните стандарди во борбата против измамите преку сомнителни пораки.

„Народната банка е задолжена за воведување безбедносни стандарди од страна на деловните банки. Меѓутоа, очигледно е дека со развојот на технологијата, клиентите на оние банки со послаби безбедносни стандарди полесно стануваат жртви на измама. Како најраспространет начин на напад претставуваат измамите преку сомнителни пораки. Станува збор за кибернапад во кој напаѓачите користат измамнички тактики за да обезбедат чувствителни информации, како што се кориснички имиња, лозинки, броеви на платежни картички или други лични податоци“, истакнува Горан Јанкоски, главен одговорен супервизор за информативните системи во Народната банка за платформата „Само прашај“ на Институтот за комуникациски студии.

Јанкоски објаснува дека овој вид измама е мрежна измама во која напаѓачите испраќаат електронски пораки коишто изгледаат како да доаѓаат од постоечки банки и бараат од вас да наведете определени чувствителни податоци. Најчесто тоа се постигнува со вклучување врска којашто ги носи граѓаните до веб-локација каде што би требало да ги внесат своите податоци, но веб-локацијата е лажна, а информациите одат директно во рацете на напаѓачите. Истакнува дека е многу битно при ваквите измами да се провери од каде доаѓа адресата, дали е онаа адреса преку која банката вообичаено воспоставува контакт, дали пораката упатува на итност и дали има некаква е-врска во самата порака.

„Тоа се црвените сигнали според кои граѓаните треба да сфатат дека се работи за порака со сомнителна содржина. Таа може да дојде од различни канали, па покрај преку електронските пораки, може да дојде и од лажни веб-локации коишто имитираат легитимни веб-страници или преку испраќање лажни текстуални пораки (СМС) коишто стигнуваат на вашиот телефон. Сакам да укажам дека граѓаните треба да обрнат внимание и на објавите на социјалните мрежи и злонамерното рекламирање“, истакнува Јанкоски.

Според него, важно е граѓаните да се едуцираат како да се заштитат од кибернапад, а Народната банка во соработка со Институтот за комуникациски студии објави едукативен видео материјал на платформата „Само прашај“.


WebOhrid / 27.02.2024 / Народна банка