Недела на животната средина

Општина Охрид во рамките на одбележувањето на 5-ти Јуни- Светскиот ден на животната средина, првата  недела од месец јуни ја прогласи за „Недела на животната средина“ во која ќе бидат реализирани повеќе активности.

Целта на организирањето на оваа „Недела на животната средина“ е што повеќе да се укаже  на проблемите од областа на екологијата и да се влијае на подигањето на јавната свест на граѓаните за заштита на животната средина.

Во текот на неделата на животната средина ќе се реализира проектот „Цветни балкони – Цветен Охрид “. Во рамките на овој проект ќе бидат поделени 400 жардиниери со саксиско цвеќе на жителите кои живеат на  улиците: ул.„7-ми Ноември“, ул. „Бекир Алириза“, ул.„Егејска“, ул.„Охридска бригада“, ул.„Тетовска“, ул.„Абас Емин“ од пресекот со бул.„Туристичка“ до ул.„Железничка“, ул.„Дејан Војвода“,  ул.„Крали Марко“, ул.„Стив Наумов“, ул.„Јабланица“ и ул.„Бистрица“.

Акцијата ќе се реализира на 6 и 7 јуни( четврток и петок) 2019г.

Граѓаните од горе споменатите улици кои се заинтересирани за  жардиниери со цвеќе истото ќе можат да го подигнат во расадникот на ЈП „Охридски комуналец“ на  6 и 7 јуни (четврток  и петок)  2019 г. од 9 до 13 часот, а со себе да носат лични документи за идентификација од кои ќе биде видлива адресата на живеење.

Ќе се реализира и акцијата за собирање на стара хартија во соработка со основните и средните  училишта од Охрид. Акцијата за собирање на стара хартија наменски се организира на крајот од школската година за да можат учениците да ги донесат сите непотребни списанија,тетратки и друга хартија во дворот на нивното училиште каде ќе бидат поставени соодветни садови за одлагање на хартијата. Во акцијата ќе се вклучат и вработените во општина Охрид , а ќе можат да учествуваат и сите граѓани и институции , кои исто така својата отпадна хартија можат да ја донесат до за нив најблиското училиште. Акцијата за собирање на стара хартија ќе се одвива на  05 јуни ( среда) 2019г. од 8 до 15 часот.