20/05/2024
Македонија

Невработеноста е на историски најниско ниво од 15,2%

Невработеноста во четвртото тримесечје од 2021 година е на најниско ниво во независната економска историја и изнесува 15,2%, согласно податоците на Државниот завод за статистика. Во споредба со истиот период во 2020 година, истата е намалена за 5,6%, односно 0,9 процентни поени.

Владата продолжува со посветена работа за создавање услови и поддршка за натамошно намалување на невработеноста до крајот на годината.

Согласно Планот за забрзан економски раст, со растот на инвестициите, стапката на вработување се предвидува да се зголеми на 54,3% во 2026 година, а стапката на невработеност за првпат да влезе во едноцифрена зона до 2026 година од 8,6 %.

Економските политики на Владата даваат резултати, просечната месечна нето плата во декември 2021 изнесува  29.943 денари, постигнавме договор за историско највисоко ниво на минималната плата од 18.000 денари, а согласно статистика растот на нашата економија во 2021 година изнесува 4%, кој е близу до владината проекција од 4,1%.

Во услови на светска криза се грижиме и за зачувување на стандардот на пензионерите. Затоа го реализираме и најголемото покачување на пензиите, кои континуирано ќе растат со  новата методологија која е усвоена според швајцарски модел.  Така, пензионерите со просечна пензија која во моментот е 16.300 денари, од септември натаму секој месец ќе имаат просечно 900 денари плус на својата сметка и тоа е рекордно зголемување на пензиите во историјата на Северна Македонија.