06/10/2024
Дебрца

Ногачески: Во право сте господа од ОК ВМРО-ДПМНЕ Дебрца, на лагите кратки им се нозете!

Во врска со соопштението од ОК ВМРО-ДПМНЕ Дебрца, со писмена реакција излезе градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески. Во неа стои:

„Се јавиле пак од ОК ВМРО ДПМНЕ Дебрца со писание дека сме ги зголемиле трошоците за репрезентација и дека на тој начин сме ги лажеле граѓаните. Демек едно сме ветиле, друго сме направиле.

Да, во право сте. На лагите кратки им се нозете. Ама на Вашите лаги. Оти и она што сте го објавиле не знаете како да го прочитате.

Ако добро прочитавте, а и да ги консултиравте Вашите советници ќе видевте дека со ребалансот на буџетот, кој денес го усвои советот на општината трошоците за репрезентација за советот на општината се зголемени од 10.000 на 50.000 денари, а кај градоначалникот од 20.000 на 70.000 денари или вкупно 90.000 денари, а не за износот што Вие го споменувате во вашето квази соопштение.

Зголемувањето е направено со цел да се покријат трошоците за свечениот ручек на вработените административци од понежниот пол во општината за празникот 8-ми март, во износ од 6500 денари и трошоците за Ифтарската вечера, во износ од 64.000 денари.

Најодговорно тврдам и стојам на располагање да проверите дека освен овие износи, до денес од буџетските средства на општината не е потрошен ниту денар за репрезентација.

До денес ниту денар немам потрошено општински пари за јадење и пиење за потребите на градоначалникот и општинската администрација, ниту денар немам потрошено за мои дневници за службени патувања.

И не само до денес, така ќе биде до крајот на мојот мандат.

За разлика од Вашиот градоначалник, кој само за пиење, јадење и седенки во нему омилената дестинација, Мотелот “Коцарев” трошеше по 350.000 годишно и сето тоа во голем дел непоткрепено со валидна финансиска документација.

За тоа, набрзо ќе излеземе со наодите на ревизијата, а крајниот збор ќе го кажат надлежните органи.

Во делот на прехранбени производи и продукти најодговорно тврдам дека до денес се потрошени само околу 62.000 денари, за продукти кои беа распределени за празникот “Василица”, согласно Годишната програма, донесена од советот на општината.“ – вели во својата реакција градоначалникот Ногачески.