01/05/2024
Македонија

Нов културен бран: Викенд во Кочани со музички бендови и кратки филмови

Во рамките на Манифестацијата “Нов културен бран” што се реализира со поддршка на Министерството на култура, денес и утре во Центарот за култура во Кочани ќе се одржи комплексен културен настан насловен „Нов град“…

На дводневниот настан, кој содржи музички и филмски дел, ќе настапат три популарни македонски музички бендови, а ќе бидат проектирани и кратки филмови и анимации на млади македонски творци.

На 11 ноември со почеток во 21 часот, пред публиката во Кочани предвидени се концертните настапи на три интересни музички состави што создаваат инвентивна музика, која е прифатена во уметничките кругови не само во земјава, туку и пошироко. Ќе настапат музичкото дуо „К.Н.Н.Т“ од Скопје, кое е составено од Марко Јанев на тапани и вокал и Иван Трајчев на синтисајзери и вокал, бендот „Sweet Rapscallions“ од Битола со авангардна поп-музика, како и единствениот активен авторски бенд во Кочани, „Anna O“.

На 12 ноември, во недела, пак, во малата сала во Центарот за култура во Кочани со почеток во 20 часот е предвидена проекција на неколку значајни македонски кратки филмови и анимации, меѓу кои се и делата на Бранко Костески, Ана Јакимска, Гоце Цветановски, Владимир Лукаш, Жарко Иванов, Георги Уковски, Иван Ивановски, Сандра Ѓоргиева и Андреј Георгиев.