26/04/2024
Македонија

Нов културен бран во Виница: Изложба на плакати од Маријана Иванова

Денес во 20 часот во изложбениот салон при Дом на култура ,,Тошо Арсов‘‘ – Виница во 20:00 ќе биде отворена изложбата ,,IMposter‘‘, како дел од Манифестацијата Нов културен бран на Министерството за култура …

Автор е Маријана Иванова, ликовен уметник, отсек – плакат и визуелна комуникација. Изложбата опфаќа 50 плакати изработени за време на студиите во Националната ликовна академија во Софија, Бугарија, под менторство на проф. Георги Јанков и асистент Ненко Атанасов.

Плакатот е уметност која има за цел со својата критичност и визуелни средства да ја поттикне публиката да размислува за даден проблем или да ја информира.

Темите на делата опфатени во изложбата ,,IMposter‘‘ опфаќаат различни видови на плакати – социјални, културни, рекламни, јубилејни, со акцент на дипломската работа – 7 плакати инспирирани од делата на нобеловецот Херман Хесе. Целта на изложбата е да се едуцира локалната публика за значајноста на овој вид уметност и да се претстави уметникот пред домашната публика после многубројните учества на интернационални изложби во Турција, Велика Британија, Иран, Лихтенштајн, Австрија, Русија, Полска, Мексико и Казахстан.

Изложбата ќе ја отвори проф. Георги Јанков – раководител на катедра плакат и визуелна комуникација при Националната Ликовна Академија во Софија, Бугарија.