03/12/2024
Охрид

НУ Библиотека „Григор Прличев“ го одбележа 23 Април – Светскиот ден на книгата и авторското право

Вработените во НУ Библиотека „Григор Прличев“ денеска на пригоден и свечен начин заедно со читателите го прославија   23 Април, Светскиот ден на книгата и авторското право.

Директорот на Библиотеката м-р Милчо Јованоски се осврна на работата на установата во текот на изминатите 365 дена а ја пренесе и годинашната меѓународна порака во чест на денот од Одре Азуле, генерален директор на УНЕСКО, Азуле, во неа вели: – На Светскиот ден на книгата и авторското право во 2024 година, би сакале да ја потенцираме значајноста да ја прославуваме моќта и убавината на книгите.Книгите, во сите нивни форми, ни овозможуваат да учиме и да се информираме. Тие исто така нè забавуваат и ни помагаат да го разбереме светот, притоа нудејќи прозорец кон другоста.

За книгите да можат да го ослободат својот целосен потенцијал, од суштинско значење е тие да ја одразуваат јазичната разновидност на нашиот свет. Сепак, тоа е далеку од тоа да биде случај денес; Мнозинството дела се објавени на само неколку јазици, а дигиталната технологија го покренува прашањето за лингвистичка хомогенизација. Сепак, секој пишан јазик со себе носи одреден светоглед, со своите симболи и неговите вредности, напиша Одре Азуле, генерален директор на УНЕСКО.

На настанот во охридската Библиотека , македонската порака по повод Светскиот ден на книгата и авторското право што ја напиша Ива Дамјановски,  поетеса, пијанист, композитор, ја прочита м-р Мариче Боздоганова , библиотекар советник. Дамјановски во неа вели:  – Задачата на еден поет е да го земе она што е одвратно и грдо и да го претвори во естетски објект, задачата на еден автор на книжевно дело е да ја претвори во значење баналноста на материјалното постоење.

Но, и кога не станува збор за уметничка литература, книгите се приказни, без оглед на тоа дали раскажуваат за нечија едноставна емоција или начинот на кој што функционира квантната механика. И еден учебник по органска хемија е возбудлива приказна за почетоците на еден вид кој ја има неверојатната способност да пишува учебници по органска хемија,порача Ива Дамјановски.

На настанот беа прогласени најчитателите во категориите возрасни и деца, највозрасниот и најмладиот читател во 2023 година во Библиотеката.

Најчитателката Христина Петреска  во една година прочитала дури 139 книги, втора е Марија Петковска со 111 прочитани книги, а на третото место со 105 прочитани книги е Јорданка Митаноска сите од Охрид.

Листата на тројцата најчитатели во 2023 година во детското одделение изгледа вака. Најчитателка е Јована Снегарова со 62 прочитани  книги а следат Бисера Ангелоска со 54 и Иван Аслимоски со 41 прочитана книга.

Највозрасен зачленет читател во Библиотеката во Охрид е Благородна Тасевска , родена 1932 година, а најмлад читател е Маја Наумоска , родена 2022 која наградата ја прими во придружба на родителите.

На 30 донатори на книги во 2023 година од Охрид и цела земја им беа врачени благодарници.

Денеска беше прогласен најдобриот Млад библиотекар. Тоа е  Бојана Башоска од ООУ „Св. Наум Охридски“од Пештани  под менторство на Емилија Митреска.

Таа ќе го претставува Охрид на Републичкиот натпревар во Куманово на 21 мај.На Регионалниот натпревар „Млади библиотекари“одржан на 15 април учествуваа шест општински училишта со вкупно 14 натпреварувачи. Денеска благодарници добија и сите учесници и ментори.

Настанот беше заокружен со врачувањето на наградите од манифестацијата „Напиши стих – купи кафе“ организирана во чест на Светскиот ден на поезијата 21 Март. Наградени се авторките Даниела Илијоска и Маја Мојсова и Силвана Јованоска.

Настанот со својот настап го збогатија младите флејтистки од ООМУ „Методи Патче“ од Охрид: Бојана Размоска, Тијана Шутароска и Ана Јованоска од класата на професор  Нина Момировска.

Трето одделенката Бисера Радеска од ООУ „Братство – Единство“ прочита свој расказ за книгата а со неа беше и нејзината наставничка Бети Здравеска .

Да потсетиме. Датумот 23 април или „Денот на розите“ не е случаен. Во 1923 година, книжарите во Шпанија се собрале да му оддадат почит на познатиот автор на „Дон Кихот“ – Мигел де Сервантес, кој починал токму на 23 април.

Идејата била да се поттикне размената на книги наместо рози, како што се празнувало. А, датумот беше официјално признат како „Светски ден на книгата“ од УНЕСКО во 1995 година, поради фактот што се совпаѓа со смртта на авторот, Сервантес како и на најголемиот драмски автор на сите времиња – Вилијам Шекспир.


WebOhrid / 23.04.2024 / НУ Библиотека