26/04/2024
Македонија

Обраќање на Заменик министерот Нухиу на Конференцијата за безбедност на сообраќајот на патиштата

Дозволете ми на самиот почеток на моето излагање во свое и во име на министерството за внатрешни работи на Република Македонија, да се заблагодарам за поканата да бидам дел од овој денешен значаен настан, посветен на тема – којашто по својата тежина, специфичност и консеквентност – и тоа како го заслужува нашето целосно внимание и посветеност.

А, од најмалку две фактички и статистички докажани причини: првата – дека сообраќајот сам по себе претставува еден од суштинските економски сегменти во модерното живеење. И втората: дека секоја година на патишта низ државата, животот го губат во просек околу 160 лица, околу 6000 лица се потешко или полесно повредени во сообраќајни незгоди, и дополнително дека материјалните штети се огромни!

Всушност јас сум убеден дека на сите нас овде ни е јасно дека безбедноста во сообраќајот одамна веќе неможеме да ја третираме само како прашање на почитување на законската регулатива од таа област или пак само како стручно опсервирање на квалитетот на сообраќајната инфраструктура, туку пред се – како приоритетна и поширока по обем проблематика – од неспорен јавен, односно општествен интерес.

Предизвикот е јасен: ние несмееме да дозволиме сообраќајот од нужна потреба, да прерасне во нужно зло на современот живеење. Своевидна лотарија во која на коцка ќе биде ставен макар еден човечки живот. А, за жал, токму бројките неумоливо сугерираат на загрижувачките состојби во оваа сфера.

И пред да продолжам, особено во контекст на делокругот на работа на Министерството за внатрешни работи по однос на безбедноста на патиштата, сакам да истакнам уште една, според мене битна работа којашто мораме да ја имаме во предвид.

Имено, динамиката на општественото живеење, техничко-технолошкиот развој, урбаните, економските, социјалните и други стандарди мора да се калкулираат како незаобиколни фактори што во поголема или помала мера имаат своја улога во севкупната слика за сосотојбата во она што значи – безбедност во сообраќајот или безбедност на патиштата. Неможеме на сообраќајот да гледаме само како на една потреба да се стигне од едно на друго место, туку, како што реков погоре – на еден од фундаментите на модерното општествено живеење и функционирање.

Да не бидам погрешно разбран, не го говорам ова заради потребата од алиби, туку напротив заради објективното и сеопфатно разбирање, како на комплементарноста, така и на сериозноста на проблемот што денес го дискутираме.

Значи, кога се прашуваме – зошто или кои се причините за таквото ниво на безбедност – тогаш морам едноставно да кажеме дека: безбедноста на сообраќајот на патиштата зависи од голем број на чинители, во прв ред од однесувањето на учесниците во сообраќајот, од квалитетот на сообраќајната инфраструктура, потоа од техничките и безбедносните карактеристики на возилата, но и од низа други фактори, како што се, на пример урбанистичките, социо-културолошките, образовните стандарди у така натаму.

Од аспект на работата на МВР, сакам да потенцирам дека за полицијата од подеднакво значање е не само контролата и санкционирањето на лицата кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, туку и сообраќајното превентивното дејствување.

Всушност, МВР во сооработка со другите надлежни институции и во соработка со општествено одговорни компании и поединци во континуитет реализира разни сообраќајно превентивни и едукативни активности насочени кон сите групи учесници во сообраќајот и кон сите ризик фактори кои влијаат на безбедноста на сообраќајот. Напоредно со ова бројот на преземените акциски и други контроли од страна на полицијата постојано се зголемува на дневна основа, за што впрочем во изминативе месеци воведовме пракса на дневно информирање на јавноста по однос на тие видови активности.
Повторно ќе кажам неспорно е дека МВР во рамки на своите законски прецизирани надлежности има задача да го спроведува и, така да кажам, штити почитувањето на сообраќајната законска регулатива, потпирајќи се исклучиво на инструментот на репресивно делување против прекршителите на сообраќајните правила и прописи. И ние тоа, согласно постоечките капацитети и планови го правиме.

Но, како што реков претходно – колку и да е од суштинско значение стриктното почитување на законските норми, сепак тоа е само еден дел од повеќеслојноста на безбедносната проблематика во сообраќајот.

Па според тоа, како што безбедноста во сообраќајот е сложена појава и зависи од поголем број фактори, така и решенијата на проблемот треба да се бараат во повеќе насоки и во еден поширок систем за управуваање со безбедноста на патниот сообраќај. Притоа, свесни за фактот дека непостојат брзи и краткорочни решенија, туку ефикасни, системски и континуирани мерки кои треба да бидат имплементирани за долгорочно и квалитетно справување со сите негативни трендови и појави во безбедноста на сообраќајот.

Полициската контрола, колку и да биде ефикасна и ригорозна во делот на санкциите, сама по себе не ќе може да биде решение за воспоставување повисоки и побезбедни сообраќајни стандарди. Впрочем, иако МВР односно неговите соодветни служби особено последнава година, уште повеќе ги удвоија напорите за следење, контрола и санкционирање на незаконитостите во сообраќајот, сепак долгорочно тоа ќе биде премалку доколку се сака вистински пресврт и квалитативно менување на безбедносната клима во сообраќајот.

Во тој смисол дозволете ми да апострофирам дека безбедноста на сообраќајот на патиштата не е прашање и надлежност на само една институција, туку прашање на ефикасноста на цел еден сложен и комплексен систем во кои дејствуваат многу институции.

Затоа и решенијата мора да се барат во повеќе насоки и тоа првенствено во јакнење на институционалните капацитети на системот за управување и контрола на сообраќајот со цел поголема координација и соработка помеѓу надлежните институции како на државно така и на локално ниво и јакнење на институционалните капацитети за следење и контрола на ефикасноста на имплементираните мерки и активности за побезбеден сообраќај. Но и јакнење на системот за сообраќајна едукација, за брза и ефикасна интервенција по случена сообраќајна незгода и имплементација на единствен систем 112; јакнење на системот за контрола на техничката исправност на возилата па се до континуирано инвестирање и унапредување на сообраќајната инфраструктута и унапредување на системот за управување со сообраќајната инфраструктура.

На крајот дозволете ми да го искажам своето убедување дека нам ни е потребен издржан системски концепт на меѓуинституционална, интегрирана дејствителност, динамичен како во поглед на точната анализа на сите фактори коишто влијаат врз состојбата со безбедноста во сообраќајот, така и во поглед на мерките и механизмите за делување во насока на елиминирање на сите негативни трендови. МВР било и ќе биде отворено за секаков вид на соработка во тој смисол, дотолку повеќе што на тоа не обврзуваат како законите така и довербата дадена од граѓаните. Во крајна линија кога една од суштинските цели е спасување на човечки загуби, тогаш таквата задача станува и благородна мисија.