27/04/2024
Македонија

Од 1 мај задолжително „Закажи средба“ за користење на даночните услуги во УЈП – Регионална дирекција Скопје

Услугата „Закажи средб@“ овозможува секој даночен обврзник да закаже термин за остварување на средба со даночен агент во УЈП – Регионалната дирекција Скопје, во време кое нему му одговара, а со цел консултација за специфични прашања кои се однесуваат на: 1) Oпшти информации (рокови, начини за пријавување и плаќање даноци и др.); 2) Отворање на бизнис и регистрација на даночен обврзник; 3) Консултации за издадени даночни документи; 4) Утврдување на даноци; 5) Постапки за наплата на долгови; 6) Правни прашања.

Услугата „Закажи средб@“ може да се користи он-лајн или преку Инфо центарот на УЈП. За да закажете средба повикувајте го Инфо центарот (0800 33 000 или 02/3253 200) или направете го тоа он-лајн преку веб страницата на Контакт центарот kontaktcentar.ujp.gov.mk, која овозможува пристап до услугата „Закажи средба“.

Која е постапка за закажување на средба?

Идентификација на корисник преку Инфо центарот (0800 33 000 или 02/3253 200) или преку електронскиот систем „Закажи средб@“ достапен преку kontaktcentar.ujp.gov.mk

Доколку сакате да закажете средба како физичко лице внесете ги следните податоци за идентификација или соопштете ги на операторот: Име, Презиме, ЕМБГ и е-пошта за физичко лице.

Доколку сакате да закажете средба како правно лице внесете ги следните податоци за идентификација или соопштете ги на операторот: Име, Презиме, ЕМБГ, е-пошта за физичко лице, Назив на фирмата, ЕДБ и ПИН код за правно лице.
Полињата се задолжителни освен полето „ПИН код“.

Изберете ја услугата која сакате да ја користите во УЈП – Регионална дирекција Скопје

Изберете ја канцеларијата во која што сакате да закажете средба , односно Регионалната дирекција Скопје, и изберете ја услугата која ви е потребна.

НАПОМЕНА: Услугата „Закажи средб@“ во моментов е достапна само за користење на даночните услуги на Регионалната дирекција Скопје.

Полињата се задолжителни, освен полето „Код на референтен документ“.

Изберете ги датумот и времето на средба

Закажувањето на средба се врши најрано за следниот работен ден. Изберете ги датумот и времето на средба, кои вам ви одговара, доколку се слободни и не се зафатени претходно.

Потврдете ја закажаната средба

Потврдете ги информациите за избраната канцеларија, вид на услуга, датум и време на средбата.

Доколку не сте во можност да дојдете на закажаната средба, потребно е истата да ја откажете или да закажете друг термин.
Корисни информации

Флаер „Закажи средба со даночен агент“ (преземи http://www.ujp.gov.mk/mk/publikacii/pogledni/65)

(28.11.2017) „Промовиран новиот Контакт центар и новите даночни услуги на УЈП“ (види http://www.ujp.gov.mk/mk/javnost/galerija/pregled/63)