05/03/2024
Охрид

Одбележан 24-ти мај, Денот на просветителите

Во рамки на одбележувањето на 24-ти мај, Денот на сесловенските просветители претпладнево пред споменикот на Кирил и Методиј во градскиот парк, Општина Охрид додели симболични награди на 311 основци и средношколци од општинските училишта, кои освоиле највисоки награди на државни и регионални натпревари.

Пред присутните на настанот градоначалникот Пецаков се осврна на значењето на делото на Кирил и Методиј.

-Денес се собравме тука да го одбележиме денот посветен на извонредното епохално, просветителско дело на Сесловенските браќа Кирил и Методиј.

Распространивајќи го мислењето дека секој народ има право својата вера и култура да ги прима на својот мајчин јазик тие ја создадоа првата словенска азбука глаголицата која беше основа за создавање на кирилското писмо. Дарувајќи им знаење на своите ученици тие ја поставија основата за подигнување на Охридската книжевна школа којашто е етаблиран духовен центар со такви културолошки особености што до денес не успеал да ги стекне ниту еден друг универзитет.

Верувајќи во тоа дека во Светот има безброј зборови и дека сите тие имаат свое значење браќата Кирил и Методиј го направија цивилизацискиот чекор за Европа описменувајќи ги словенските народи, просветлувајќи ги и вадејќи ги од мракот, зошто еднаш просветлен ум повеќе никогаш не може да биде мрачен.
За просветителската мисија на браќата Кирил и Методиј учат нашите деца од најрана возраст.

Нашите ученици кои покажале најдобри резултати на државни, регионални и меѓународни натпревари се едни од Кирило методиевите следбеници. Тие се нашата гордост, нашите идни водичи, лидери на кои останува светот. Од срце им честитам за постигнатите успеси и посакувам и понатака да ги дофатат сите височини што се пред нив. Тоа се деца кои сфатиле дека знаењето е богатство кое не може да се украде од единката, кое не може да се “избрише“ со гума или да избледи. Затоа деца, учете, тоа ќе ви даде таква сила со која ќе може да поместите се што ќе наумите. Никогаш не престанувајте да учите затоа што животот никогаш нема да престане да ви биде учител.

Ние како локална власт пак, ќе го поддржуваме секој ваш успех и ќе работиме на создавање услови за реализација на секој ваш добар проект, зошто само така може да градиме напредно општество.
Нека ни е честит Денот посветен на Големото дело на Светите Кирил и Методиј – рече градоначалникот Пецаков.

Во рамки на чествувањата, претходно во ЦК „Григор Прличев“ се одржа панихида и се положи свежо цвеќе пред нивниот Споменик каде се одржа и културно уметничка програма.


WebOhrid / 24.05.2023 / Општина Охрид