Одбележан Денот на рибарите

Традиционално како и секоја година, во Охрид се одбележа Денот на рибарите. Оваа година, на малиот плоштад кај Долна порта, со рибна чорба, пача, плашици, вино, греана ракија и традиционалното капење во водите на Охридското Езеро, охриѓани го прославија денот на Свети Јован.

На манифестацијата присуствуваше и в.д. градоначалникот Константин Георгиески, кој заедно со тајфата на Иван Лотески, фаќачот на Чесниот крст, се искапија во водите на Охридското езеро.

Рибната чорба беше приготвена од вештите раце на учениците од средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“. Послужени беа околу две илјади порции чорба на присутните и на социјално загрозените семејства.

За забавниот дел од манифестацијата се погрижи ансамблот „Билјана јуниор“.