09/11/2024
Македонија

Одржана 163-та седница на Владата на РСМ

Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 163-та седница ја отвори расправата за Предлог-буџетот за 2020 година. Министрите во Владата ги презентираа програмите кои треба да се финансираат од буџетот за наредната година и донесоа одлука Предлог-буџетот за 2020 година, како и Предлог-законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година да бидат утврдени на наредна седница на Владата која треба да се одржи идната недела. 

На денешната седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за купување и адаптација на деловен простор во седиштето на НАТО во Брисел за потребите на Мисијата на Република Северна Македонија при НАТО со Предлог-одлука за купување со непосредна спогодба на недвижни ствари.

Висината на финансиските средства за оваа намена, за купувањето на 996,37 м2 (878,10 м2 нето) на административните простории, за паркингот и за реализација на градежните работи на адаптација, изнесува 2.872.255 евра.

На оваа седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата со акциски план на проектот Изградба на нов објект Поликлиника Сарај при ЈЗУ Здравствен дом.

На денешната седница Владата усвои три одлуки за распределба на средства обезбедени во потпрограмата Капитални дотации во Единиците на локалната самоуправа на Министерството за транспорт и врски, за да се реализираат проектите кои дојдоа како амандмани на пратениците во Собранието, членови на Комисијата за финансирање и буџет.

Со новата распределба ќе започнат градежните активности (бушотини) на потисен цевковод, за обезбедување на водоводна мрежа во с. Дрвош, општина Босилово, во вредност од 3.000.000, санација на свлечиште Подареш-Смиланци во општина Радовиш во висина од 5.000.000, санацијата на свлечиште во општина Кавадарци вредна 7.000.000 денари.

На предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата на Република Северна Македонија донесе одлуката за распределба на средства обезбедени во потпрограма Сообраќај и комуникации од капиталните дотации во единиците на локалната самоуправа за реализација на проектите асфалтирање на улица Христијан Тодоровски Карпош – втор крак во општина Чаир, за реконструкција на патот во село Матејче, општина Липково, за изградба на пат со кој ќе се поврзе селото Копаница во општина Сарај со регионалниот пат Скопје-Тетово, за изработка на проектна документација за изградба на булевар на делницата од Момин Поток до обиколницата кај Визбегово во Град Скопје, и за изградба на кружен тек во с. Мислешево – Струга.

Вкупната инвестиција на овие инфраструктурни патни решенија изнесува 12,8 милиони денари.