25/04/2024
Писма/Колумни

Ohrid calling: Хорор – среде градот на УЖАСКУ!?

Задутре, недела, 18 август, на повеќе места и со повеќе манифестации, ќе биде одбележана 76. годишнината од формирањето на батаљонот „Мирче Ацев”, првата регуларна воена единица на НОВ и ПОМ.

Во самостојна и независна, сега, Република Северна Македонија, 18 август се слави како Ден на армијата.

Врховниот командант, претседателот Стево Пендароски, ќе говори во Охрид, на просторот после Студенчишкиот канал, кој охриѓани го викаат На Мазија, а каде е сместена единицата на АРМ, колоквијално наречена – Езерница.

Свечености ќе има и во општина Дебрца, на Славеј Планина, со почеток во 10:30 часот, на самото место каде е формиран батаљонот Мирче Ацев. Организатор е Општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945 и на граѓаните продолжувачи на традициите, за општините  Охрид и  Дебрца, заедно со локалната самоуправа на општина Дебрца.

Таму, се очекува, да говорат, претседателот на ГО на СБ на Македонија, д-р Никола Стојаноски, како и потпретседателот на СБ од НОАВМ за Охрид и Дебрца, проф. по историја Љубиша Машановиќ

Организацијата на ветераните од одбраната и заштитата, за општините Охрид и Дебрца, исто така, посебни свечености подготвува во селото Годивје.

И сето ова е за пофалба и гордост.

Но, како и обично што кај нас бидува – паричката ја има и својата втора, во случајов што ќе го опишеме, грда страна.

Тоа, пак, што го користиме одбележувањето на Денот на АРМ, како повод, не е никаква злонамера. Напротив, само повод, за да се замислиме: Кои сме, каде одиме, какви сме!?

И, за да се чуе – подалеку!

Зошто? Затоа што досега, барем јавноста, ниту чула, ниту видела, дека, ние, во преубавиот Охрид, на неколку стотини метри од Автобуската станица, беше сме имале – вистински хорор!

Хорор, опкружен со убави куќи, некои се прогласувани за домови со најдобро уреден двор!

Хорор, веднаш до една хациендата, на еден од најбогатите луѓе во Охрид!?

Хорор, на местото каде некогаш вирееше една вистинска цветна градина, со патеки, цветни алеи, игралишта за сите спортови, тренинг центри, мали амфитеатри за обука…

И да не ве држам и натаму во неизвесност, станува збор за огромниот простор од земјиште, терени, прекрасни згради од делкан камен, прекрасна зграда на Командата на полкот – едно време на ЈНА, а потоа на АРМ.

И никој да не се вади дека тоа бил имот на озлогласената ЈНА и маршал Тито. ЈНА и Тито, тоа само го изградија, АРМ го наследи, добар број години и служеше, некаде до 2010 и нешто кусур години, и, на крајот, дозволи од сето тоа да остане само еден хорор!

За воља на вистината, не само АРМ, туку и МВР (тука се сместени единицата и командата на Пограничната полиција), а не помала вина сноси и локалната самоуправа во Охрид.

Владата, од времето кога таму прв станар беше бегалецот на синиот Дунав – Г,ујо, тоа непроценливо богатство им го дава на Министерството за образование и Министерството за одбрана!

И не само во Охрид. И битолската касарна, каде самиот војникував во Школата за резервни официри и каде никна нов град, а многумина дебело се омрсија, како и уште десетина други касарни во земјата.

Од првиот претседател на независна и суверена Република Македонија, човекот кој не внесе во самостојноста – без испукан куршум, лично сум ја слушал скаската, како на збунетиот генерал на ЈНА, Аџиќ, му рекол: Да, да вие само заминете, ќе ви дозволиме се да понесете и на крајот со сиктер кафе ќе ве испратиме!

Во тоа време се мајтапевме, дека, ги корнеле и со себе ги понесувале и штекерите!

Можеби, не сум видел. Но, со свои очи видов, а и вие сега ќе видете, како во независна, самостојна, нели – наша Македонија, некој, или некои наши Македонци, најверојатно од оние Големите – со шише прилепско пиво пред гранапчињата, ги однеле не само шптекерите, туку и каблите!?

За наша голема жал и наша, уште поголема срамота, тоа го видоа, велат организаторите на четвртото издание на „Охрид колинг 2019″ („Ohrid calling 2019″), Авалон Продукција, 50.000 посетители, од сите страни на светот. Заедно со дваесеттина познати имиња од музичката електронска сцена: Стив Аоки, Маркус Сулц, НЕРВО, Вини Вици, Санери Џејмс, Рајан Маричано и уште многу други.

Видоа и со себе понесоа една грда слика, од една убава, но несреќна земја, земја во која има најмногу кладилници по квадратен метар, најмногу отпад-институции, на кои, ако ништо друго, бакарот држи добра цена!!!

Носеле и по отпадите продавале се што можело да се понесе! Ја откорнале електричната табла!Ги понеле сите маси,столици, радијатори…

И фотељите на Ратко Младиќ! Една им испаднала, бегајќи, тука – во тревата, крај патот!

Тука, пред носот на Армијата, Полицијата! Власта – локална и централна! Пред носот на сите нас – заедно!

Нека ни е на здравје!!!

Веле Митаноски

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.