28/04/2024
Охрид

Охрид добива мониторинг станица за мерење на квалитетот на воздухот

Денеска започна поставувањето на новата автоматска мониторинг станица за следење на квалитетот на амбиентниот воздух. Станицата се поставува на булевар „Туристичка“ во непосредна близина на спортскиот центар „Климент Колески“.

Мониторинг станицата ќе биде дел од државната мрежа за мониторинг на квалитетот на амбиентен воздух и ќе биде управувана од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Со овој уред ќе се воспостави механизам за редовно следење на состојбата со квалитетот на воздухот и изворите на загадување, што е од особено значење за жителите на Охрид.

Вредноста на мониторинг станицата е околу 100.000 евра, а средствата се обезбедени од МЖСПП. За поставување на станицата се обезбедени сите потребни одобренија и дозволи, согласно законската регулатива.