26/04/2024
Охрид

Охрид домаќин на Меѓународниот натпревар по хуманитарно право „Жан Пикте“

Синоќа во х.Метропол, започна 30 јубилејно издание на реномираниот интернационален натпревар по меѓународно хуманитарно право, “Жан Пикте“. Во  наредните седум дена 48 тимови од 29 земји со 144 учесници – студенти, ќе се натпреваруваат во решавањето на дадени кризни ситуации, со менување на улогите во процесот. Во присуство на амбасадорите на Франција и Швајцарија, Кристијан Тимоние и Сибил Сутер Терада, во името на градот домаќин, пред присутните се обрати градоначалникот Јован Стојаноски, кој посакувајќи им добредојде на високите гости и студентите, рече дека е голема честа што организаторите го избрале Охрид да биде домаќин на ваков реномиран меѓународен собир.

„Убеден сум дека во наредните 5 дена учесниците ќе имаат  неизвесен и квалитетен натпревар, а уникатниот пристап и симулацијата во која се менуваат улогите на актерите во дадена ситуација, ќе ви донесе плодна дебата, проширување на вашите знаења и стекнување на вредни искуства и искрени пријателства.

Уважени присутни, Ве поканувам и покрај сите ваши обврски, да најдете време да го разгледате Охрид. Нашиот град, е град на светлината, со повеќе милениумско  цивилизациско битисување на различни културни пластови, на антички споменици, на бројни цркви и манастири. Град на питоми и гостопримливи луѓе, град кој ќе ве плени со својата непосредност и неодолива привлечност. Понесете  и вие еден мал дел од неговата магичност, за пак да ни дојдете во Охрид. На натпреварот нека победи најдобриот тим, а сите учесници посакувам од Охрид да понесете искрена убеденост, дека вие сте утрешнината за еден посовршен свет за човештвото.“ – истакна во своето обраќање градоначалникот Стојаноски.

Натпреварот “Жан Пикте“ е поддржан од Амбасадата на Франција, Меѓународниот Комитет на Црвениот Крст и Министерството за надворешни работи на Швајцарија. Финалето на натпреварот ќе се одржи во петок, на 30 март, а најдобриот тим ќе биде награден од жирито со кое ќе претседава вториот заменик-претседател на Меѓународниот кривичен суд, Марк Перен де Бришамбо.