02/05/2024
Охрид

Охрид домаќин на „Заборавениот звук – во спомен на Климе Садило“

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков синоќа во предворјето на ЦК “Григор Прличев“ присуствуваше на културниот настан „Заборавениот звук – во спомен на Климе Садило“, што се реализира со поддршка на Општина Охрид и Министерството за култура.

Во своето обраќање пред присутните градоначалникот Пецаков се осврна на музичките достигнувања на Садило и културниот придонес што тој го имал за Охрид.

Огромно е задоволството да се присуствува на овој културен настан посветен на најпознатиот трубадур и чалгаџија на сите времиња, Климе Садило чија музика сведочи за традицијата и културата што се негувале во 19-от и 20-от век на овие простори. Секако нема охриѓанец, а верувам и Македонец кој не слушнал и не посакал да ги чуе убавите звуци отсвирени на садиловото ќемане. Дека станува збор за невиден музички талент и гениј кој ја исцрта чалгиската традиција во Охрид говори и фактот што тој на најспецифичен начин, држејќи го гудалото во левата рака успевал на единствен препознатлив стил да ги отсвири нотите на најубавите охридски песни. Вечерва под месечевата светлина слушајќи ги препевите од Садиловци нурнуваме во нашето дамнешно минато, горди сме на нашата традиција и култура кои во суштина се генетскиот код на еден народ. Еден век по Садило се родиле нови трубадури, нови музички таленти кои тргнале по неговиот пат, па дури и го опеале овој врвен музички мајстор. Но ниту еден од нив не успеал да ги дофати неговите височини. Тајфата на Садило која ја сочинувале Наум Курте на виолина, Паско Пепелко на лаута, Димче Карче на лаута, Кирил Кузманов- Катиљ на виолина, Ме(х)мет Исмаил-Утчи на ут, Ѓорѓи Чочег/овски на дајре и прерано починатиот син, Димче Садило кој свирел виолина, уште пред еден век докажале дека музиката нема граници. Тие биле една од ретките тајфи која свирела на забави и семејни веселби надвор од Македонија во Србија, Албанија, Бугарија, Америка, а дискографската куќа “Југотон“ издала грамофонска плоча со нивна музика. Да, музиката е најголемата универзална вредност, не познава простор и време. Се што е убаво е безвременско, а такви се песните од тајфата на Садило. Тие не враќаат во едни убави времиња на серенади кога се пеело под пенџерите на своите сакани дами, кога се негувале вистинските вредности. И ноќва ќе се вратиме во тоа убаво време . Ќе уживаме во чалгиските песни на Садило изведени од нашите добри музичари. Упатувам срдечни поздрави до Ѓоко Алоски кој е организатор на овој прекрасен музички настан и до Здружението за култура и уметност „Арт Вивенди” – Охрид. Верувам дека сите заедно ќе уживаме во музичките содржини кои вечерва ни се нудат во рамки на „Заборавениот звук – во спомен на Климе Садило“, кој како проект стана исклучително допадлив за Општина Охрид. А се што е убаво и квалитетно и го промовира градов на најдобар начин и во иднина ќе биде поддржувано од Локалната власт – рече градоначалникот Пецаков.

Организатори на настанот се културниот работник Ѓоко Алоски и членовите на Здружението за култура и уметност „Арт Вивенди” – Охрид во соработка со етно -музикологот Александра Кузман.


WebOhrid / 22.06.2023 / Општина Охрид