Охрид интензивно се подготвува за големиот христијански празник Богојавление – Водици
Во духот на православието и традицијата, Охрид и годинава на 19-ти јануари ќе биде центар на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление-Водици, а илјадници верници се очекува да присутвуваат на Богојавленскиот водосвет и традиционалното фрлање на Светиот крст во водите на Охридското Езеро.
-Оваа манифестација е од исклучително значење за нашиот град и вистинска радост за охриѓани, за нашите гости и за целиот православен свет, па затоа и годинава максимално сме посветени на целокупните подготовки и внимателно ги планираме сите детали. Дополнителна причина за посветен ангажман и беспрекорна организација е и тоа што годинава одбележуваме јубилеј- 30 години од првата масовна организација на овој празник на охридското градско пристаниште. Оваа можност ја користам да искажам голема благодарност до сите охриѓани кои се вклучени во планирањето и организацијата на овие празнични денови. Упатувам благодарност до Дебарско-кичевската епархија, сите институции и поединци кои даваат свој придонес и годинава да имаме еден величествен ден и еден народен собир кој ќе биде достен на значењето и вредностите на овој голем празник, истакна градоначалникот Константин Георгиески, на денешната прес конференција, на која беа изнесени детали за чествувањето на празникот и целокупната организација.
Како и секоја година, организацијата на Богојавленскиот водосвет ќе биде составен од два дела. Првиот дел е верскиот или црковниот дел, кој согласно православните начела го организира и спроведува Дебарско-кичевската епархија при МПЦ и вториот дел е граѓански дел што го координира Општина Охрид, а се однесува на целокупната организација на настанот и целокупната пропратна програма.
-Со оглед на тоа што празникот е во викенд, очекуваме голем број гости од земјава и од странство и исполнети сместувачки капацитети. Со цел да ги поддржат богојавленските чествување и да придонесат за поголем број на гости, охридските хотели и годинава нудат сместување по симболична цена од 15 евра по лице за сместување на ден, во периодот од 16-ти до 20-ти јануари. Исто така во насока на збогатување на содржините за гостите, во рамки на празничната програма, Општина Охрид организира и голем концерт на балканската музичка ѕвезда Патар Грашо, кој ќе се одржи во пресрет на Водици на 18-ти јануари со почеток во 20 часот на Градскиот плоштад, информираше градоначалникот Георгиески.
Чествувањата и обичаите поврзани со Водици во Охрид, продолжуваат и на 20-ти јануари со Денот на рибарите, односно прославувањето на празникот Свети Јован Крстител. Уникатната манифестација со традиционалното капење на рибарите и годинава ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини и концерт на македонската фолк ѕвезда Миле Кузманоски. И оваа година се организира подготовка на рибна чорба во голем казан, која ќе биде послужена на сите гости. Оваа манифестацијата ќе се одржи напладне на Градскиот плоштад.
Во однос на техничката подготовка и логистика во текот на организацијата на двата празнични денови предвидени се низа активности за чистење и уредување на пристаништето и крајбрежниот дел на Охридското Езеро, соодветно украсување на градот и активности кои се поврзани со безбедноста на капачите и посетителите.