07/12/2024
Охрид

Охрид подготвен за празникот Богојавление – Водици

Дебарско-кичевската епархија во соработка со Локалната самоуправа Охрид, јавните претпријатија, Црвен крст, нуркачкиот клуб „Амфора“ и останатите соработници, и оваа година го организираат еден од најмасовните празници во Охрид и пошироко, празникот Богојавление – Водици. Годинава големиот богојавленски водосвет, фрлањето на крстот ќе биде од градското пристаниште, со почеток во 10 часот.

„Традиционално, како и секоја година утринските богослужби започнуваат во 07:00 часот. Во 08:30 часот започнува литургијата, а во 09:45 часот литијата тргнува од сите парохиски цркви во кои ќе се богослужи кон Градското пристаниште, каде што во 10:00 часот ќе се изврши голем богојавленски водосвет, ќе се положи чесниот и животворен крст во водите осветени на Охридското Езеро.“ рече на денешната прес-конференција Илија Ристески, претставник од Македонската православна црква.

Претседателот на координативното тело за организација на празникот „Водици“, Љупчо Грданоски Охрид  соопшти дека во полн ек се подготовките за празникот Богојавление -Водици.

„Подготовките се во полн ек, техничкиот дел, од украсување на светилникот, канделабрите и целиот простор околу кој се одржува манифестацијата, расчистување на просторот, расчистување на Езерото од отпадот кој што во меѓувреме е создаден. Се надевам дека и оваа година како и минатите години ќе имаме масовна посетеност и како организационен одбор ветуваме дека се ќе биде во најдобар ред. Би сакал да ги известам капачите дека од 18 јануари од 19:00 часот ќе можат да вршат медицински прегледи во шаторите кои што ќе бидат поставени на просторот каде ќе се одржува манифестацијата. За денот на рибарите, целиот настан ќе биде пропратен со богата манифестација, со приготвување на традиционална чорба, пача, плашици и слично.“ – изјави Грданоски.

WebOhrid