20/04/2024
Македонија

Средба на министерката Шекеринска со политичкиот директор во службата за надворешна политика на ЕУ, Белијард

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска се сретна со делегација од Европската Унија, предводена од Жан-Кристоф Белијард политички директор во службата за надворешна политика на Унијата.

На средбата на која присуствуваа и Ангелина Ајхорст, директор за Западна Европа, Западен Балкан и Турција, како и евро-амбасадорот Самуел Жбогар беше заклучено дека забележан е прогрес во реформите и дека Балканот е повторно во фокусот на Европската Унија.

„Владата на Република Македонија, заедно со Собранието и другите институции сме фокусирани на реформите од програмата 3-6-9. Ние цврсто веруваме дека враќањето на земјата на патот кон интеграцијата во Европската Унија и НАТО ќе придонесе за домашната и регионалната стабилност и за овие процеси очекуваме поддршка од Европската Унија“, рече министерката Шекеринска на средбата.

Политичкиот директор Белијард истакна дека новата позитивна атмосфера е јасно видлива и дека има повеќе елементи кои ќе му помогнат на Балканот како целина, а еден од нив е и претседателството на Бугарија со Унијата. Тој истакна дека нашата држава треба да се фокусира на реформите и дека на Македонија повторно се гледа како на добар пример, со што се создава позитивна атмосфера во Европската Комисија.

Министерката го посочи и фактот дека во Македонија постои целосен консензус околу интеграцијата во НАТО и во Европската Унија и дека кога граѓаните и институциите гледаат дека регионот се враќа на агендата на ЕУ, расположението за реформи е многу посилно.

Шекеринска додаде дека Македонија сака да биде дел од европските одбранбени програми и дека Министерството е посветено на одбранбените реформи и изработката на клучни документи како Стратегискиот одбранбен преглед, но и на регионалната соработка и придонесот кон мирот и безбедноста преку учество во мисиите на НАТО, Европската Унија и на Обединетите Нации.