04/11/2024
Охрид

Охрид се присети на прерано починатиот писател, истражувач, публицист и надарен полиглот Мишо Јузмески

Охридските книжевни автори, гости од Холандија, како и заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиноски, денеска, се собраа во Култура 365, да се потсетат на делото и придонесот на рано починатиот автор и основачот на ова алтернативно културно катче, во старото градско јадро, Мишо Јузмески.

Јузмески беше голем истражувач и еден од најголемите афирматори на Охрид, писател, фотограф, културен и туристички работник, научен истражувач, публицист, надарен полиглот…

Во рамките на “Култура 365”, Јузмески, во 2011 година, отвори Спомен собата со постојната поставка на фотографии , оригинални публикувани дела и извадоци од книгите на А. ден Долард, холански писател кој прв на западниот свет му ги приопшти убавините на Охрид и Македонија.

Пред се со романот “Свадбата на седумте цигани”, но и Ориент експрес, дело што го инспирираше во Охрид да дојде славниот Илја Еренбург, каде го пречекале академик Блаже Конески и охриганецот, академик Димче Коцо.

Во неговиот краток, но плоден животен век, Јузмески објави осум книги – романи, патеписи, збирки раскази…

Во 2012 година, Мишо Јузмески ја објави книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“, која беше преведена на холандски и англиски јазик.

На овој голем афирматор, охриѓани во 2006. година му подигнаа Споменик, во Холандскиот парк, на атрактивна локација на самиот езерски брег.

Последната книга на Мишо Јузмески, објавена директно на англиски, без претходно да била објавувана на македонски јазик, беше извонредното претставување на македонскиот туристички и духовен центар, под наслов: Истражи го Охрид (Explore Ohrid).

Книгата е туристички водич, но она што ја прави посебна е во тоа што Јузмески овде ја претставува општината Охрид во целина како единствен туристички производ. 

Тука се претставени сите охридски цркви, џамии, музеи, јавни институции и урбани заедници, а посебен простор им се посветува на руралните населби со што книгата треба да одигра голема улога во развојот на селскиот и културниот туризам.

Уредник на книгата е Џејн Симпсон која својата љубов кон Македонија ја има докажано и со тоа што пред неколку години засекогаш ја напушти родната Англија и се пресели во стариот дел на Охрид.


WebOhrid / 08.04.2023 / Веле Митаноски