19/04/2024
Писма/Колумни

Охрид SOS: Калишта – Terra nullius

Продолжува самоволието на одредени поединци, на кои не им пречи постојаниот притисок, медиумско експонирање на проблемот изминатиов период, па на одредени парцели помеѓу Струга и Калишта тампонираат, поставуваат бетонски огради, палат трска и друга вегетација среде бел ден, а на повеќе локации се депонира и градежен шут. Се чини како да е ова ничија земја, како да не важат овде законите на државата, како да нема никаква контрола од надлежните институции.

Максимално се користи секој момент, имајќи ја предвид најавата на Владата дека ингеренциите за плажите во Охрид и Струга ќе преминат од општинско на државно ниво. Не се знае кој узурпира, кој гради, на терен беа лица со приватни возила, израмнет терен, на неколку места изградени објекти непосредно до езерото, паркирани возила, оградено со жица. Во прилог само неколку фотографии. Глетката е ужасна. Оваа ситуација не беше спомната во одговорот на македонските институции до УНЕСКО. Свесно е премолчено ова намерно уништување на природата, појасот трска кој е овде најконзистентен. Сите молчат, локацијата е надвор од градот, незабележлива, што е уште еден поволен момент за овие узурпатори.

Ве повикуваме да ја посетите оваа локација, вашите колеги, дописници да ги евидентираат сите дејствија, нека се сними, нека се затекнат оние кои дивеат покрај патот, среде трската, кои уништуваат дел од природното наследство на охридскиот регион. Направете дополнителен притисок со тоа што ќе известите, ќе потенцирате дека постојат во државата места каде не важат никакви закони, каде никој не доаѓа, нити инспектор нити било кој друг. Каде несметано се девастира живеалиште на многу животински и растителни врсти, специфични за овој предел.

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.