Охриѓани го чествуваат својот голем промотор, холандскиот писател А. ден Долард

Утре, 7. февруари, со пригодна манифестација, охриѓани и пошироката културна јавност, хотелиерите и угостителите, ќе се потсетат и ќе му оддадат признание, на големиот промотор на Охрид и Македонија, холандскиот писател А. ден Долард.

Во КИЦ „Култура 365“, со почеток во 13:00 часот, во негова чест, ќе се одржи поетско читање и предавање за животот и делото на најплодниот холандски писател и голем пријател на Македонија.

Со тоа ќе се одбележат 118 години од неговото раѓање.

Програмата содржи: Поздравно обраќање, прочит на песната „Монолог за А. ден Долард“ од Тоде Илиевски, предавање: А. ден Долард – скитник, писател и новинар, поетски поздрав кон А. ден Долард: поетите – гости читаат свои стихови, како и предавање: Македонизмот на А. ден Долард.

А. ден Долард беше најголемиот промотор на Македонија во Кралството Холандија.

Во периодот помеѓу 1931 и 1994 година тој објави бројни книги и новинарски статии коишто беа инспирирани од неговите чести престојувања во Македонија.

Посебно изразена беше неговата љубов кон Охрид, за што е сведоштво култниот роман Свадбата на седумте Цигани, кај нас преведена како Свадба во Охрид.

Во Охрид му е подигнат Споменик во рамките на Холандскиот парк, како и спомен-собата, во рамките на КИЦ „Култура 365“.

В.М.