08/10/2024
Македонија

Онлајн петиција: Евтина тарифа на струја во вонредна состојба!

„Опасноста од забрзано ширење на Корона вирусот е реалност. Затоа, ги поздравуваме здравствените мерки кои се преземени од страна на Владата и Министерството за здравство и наредбите за самоизолација на населението. Но, истовремено ја потенцираме опасноста од настанување нов проблем, а тоа е социјалната криза и сиромаштија која ќе ја предизвикаат здравствените мерки доколку не бидат навремено проследени со социјални мерки.

Имено, задолжителноста на самоизолацијата, подразбира задолжително останување дома во текот на речиси целото деноноќие. Тоа значи повисоки режиски трошоци (повисоки сметки за струја, вода, греење итн.). Сето ова во ситуација кога граѓаните остануваат без работа поради затворањето на голем дел субјектите од производствените дејности и сите услужни дејности. Сето ова во ситуација кога сосема е за очекување да има семејства без ниту еден вработен во периодот кој престои…

Затоа бараме од владата вонредната состојба да ја искористи преку донесување низа уредби со законска сила за помош на населението преку социјални трансфери. Но, пред да се донесат истите, неопходни се итни мерки кои треба да се донесат веднаш!

Во прв ред тоа е воведување ефтина тарифа за струјата во текот на целото деноноќие, а со цел да се спречи негативниот економски ефект на самоизолацијата – зголемени износи на сметките за струја.

Сметаме дека оваа мерка може да се донесе веднаш!“ – велат иницијаторите на оваа петиција.

За само еден ден петицијата доби поддршка од 28.790 луѓе, а до денес (22.03.2020) до 16:00 часот петицијата ја потпишаа над 35 илјади граѓани.

Петицијата може да ја потпишете на следниот линк:

Петиција за евтина тарифа на струја во вонредна состојба ←