ООУ „Ванчо Николески“ дел од Проектот „Предизвикај се себеси и биди активен“

ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец е едно од десетте училишта вклучени во проектот „Предизвикај се себеси и биди активен“, а се однесува на поттикнување на физичката активност кај учениците. Имено, над 30 ученици од ова училиште партиципираат во активности и вежби, креирани од квалификуван и професионален едукатор за физичко образование, преку интерактивна онлајн плаформа http://predizvik15.mk/.

Секој месец учениците добиваат нови 15 предизвици што треба да ги реализираат во одреден временски период, а потоа за истите добиваат соодветни поени преку кои се рангира успешноста на училиштето во целина, но и индивидуално на учениците. На тој начин тие имаат можност да се натпреваруваат со нивни врсници од другите 9 училишта низ државава. Најголем дел од предизвиците и активностите можат да се прават во домашни услови (без или со многу малку потребна опрема), но има и такви кои учениците може да ги прават во училиште под менторство на наставник по ФЗО, со целосно почитување на препораките за заштита од Ковид 19.

„Потребата од поттикнување на физичка активност кај учениците во овие услови на настава од далечина е огромна, а проектот претставува директен и логичен одговор на оваа криза предизвикана од Ковид 19. Ние како училиште сме многу задоволни од можноста што ја нуди овој проект, а тоа е нашите ученици на еден нов и креативен начин да се грижат за своето физичко здравје и да останат активни. Предизвиците се добро осмислени и ги мотивираат учениците да спортуваат, како и да ги негуваат упорноста и натпреварувачкиот дух.“ – велат од училиштето.

Во изминатиов месец ООУ „Ванчо Николески“ е рангирано на третото место според успешноста на реализираните предизвици, а дури 17 ученици од ова училиште се најдоа на листата од првите 27 места.

Проектот „Предизвикај се себеси и биди активен“ го спроведува Здружението за индивидуален, организациски и општествен развој „РАСТ И РАЗВОЈ“ од Скопје, а за успешна реализација на проектот во секое училиште има одговорен наставник по физичко и здравствено образование. Секое од инволвираните училишта ќе добие и донација на спортска опрема во рамки на проектот, според претходно посочени потреби.

This slideshow requires JavaScript.