14/10/2024
Охрид

Општина Охрид го поздравува потегот на угостителите кои одлучија сами да ги отстранат дивопоставените платформи

Во согласност со законските процедури и Акцискиот план за постапување по препораките од последниот состанок на Комитетот за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО, Општина Охрид ги продолжува активностите во рамки на Акцијата за отстранување на бесправно изградени објекти.

Денес градежните инспектори при Општина Охрид заедно со екипите кои се ангажирани за спроведување на акцијата, пристапија кон отстранување на дивопоставените платформи од угостителските објекти, кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридското Езеро во потегот од месноста „Јно“, до наслебата „Канео“. Дел од сопствениците на угостителските објекти кои претходно имаа добиено известувања за извршување, веќе имаа ангажирано сопствени екипи и веќе постапуваа во согласност со издадените решенија за отстранување на објектите.

Во текот на денешниот ден и во текот на престојниот викенд, општинските инспектори ќе вршат контроли на активностите за отстранување на платформите. Доколку не се постапува согласно најавеното, општината ќе продолжи да ги извршува активностите за отстранување според предвидената динамика.

Општина Охрид го поздравува потегот на угостителите кои одлучија сами да ги отстранат дивопоставените платформи и уште еднаш потенцира дека е сериозно посветена на успешноста на целокупната акција за отстранување на дивоградбите и успешноста на целокупниот процес за исполнување на препораките, со цел Охрид да го зачува статусот на град заштитен под УНЕСКО.