24/04/2024
Охрид

Општина Охрид: СДСМ Охрид биле принудени да излезат на прес конференција

Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:

„Жално и крајно не сериозно е тоа што СДСМ Охрид не се обиделе нити точно да ги пребројат 100те дена од мандатот, а камо ли да застанат и да ги проверат сите проекти кои се сработени во изминатиот период. Веројатно под наредба од централата, иако знаејќи дека ќе испаднат смешни пред јавноста, од СДСМ Охрид биле принудени да излезат на прес конференција.

Драги господа од СДСМ многу работи се сработија во Охрид, за разлика од претходно кога вие бевте Локална власт. Заврши времето на популистички изјави и евтин маркетинг. Тоа и Охриѓани ви го кажаа на последните локални избори.

За ваша информација, ја консолидираме финансиската состојба на Општина Охрид и Јавните претпријатија, кои Вие ги оставивте на работ од бездна, задолжени и нефункционални. Ги откочивме процесите кои се од значење за Охриѓани, започнавме со решавање на предметите за легализација, спроведуваме акција за расчистување на дивите депонии кои ги оставивте како наследство по вашето заминување. Ги забрзуваме процесите за реконструкција училиштата и изградба на нови училишни згради. Обезбедивме средства од ЕУ фондовите за реконструкција на обетки во поранешната касарна и изградба на адреналински паркови и старт уп центар. Работиме и на нови апликации за проекти кои се од интерес на сите Охриѓани, а не на поединци. Воведовме нов начин на санирање на ударните дупки, реализираме нови тротоари во корелација со потребите на граѓаните. Во напредна фаза сме со дигитализацијата на процесите во Локалната самоуправа, за многу скоро време граѓаните ќе имаат можност дел од обврските кон Општина Охрид да ги подмируваат по електронски пат. За прв пат службите од Општина Охрид не беа изненадени од снегот и градот беше целосно функционален и во периодот на врнежите од снег. Покрај редовните, воведовме и стипендии за лица со ретки болести и посебни потреби. Го возобновиме настанот спортист на годината. За прв пат спортските клубови добиваат еднаков третман, а не да се фаворизираат клубови заради личен или политички интерес. Достојно ги обележавме сите значајни настани за градот и верски празници.

Почитувани,

Ова е само еден мал ден од сработеното. Вашата работа во минатото немаме потреба да ја коментираме, бидејќи јасно, гласно и недвосмислено Охриѓани Ви дадоа до знаење и Ви покажаа каде Ви е местото. Ве поканувам штом биде објавен навремено да го набавите Отчетот за сработеното во изминатите 100 дена, каде целосно ќе биде презентирана работата на Општина Охрид, нешто што не беше случај во времето кога бевте на власт.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.


ВебОхрид / 12.02.2022 / Општина Охрид