18/05/2024
Македонија

Отпочнува со работа новата најголема пречистителна станица за третман на отпадна вода за 95.000 жители во Прилеп

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска заедно со амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Семуел Жбогар и заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули и заменик министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу и градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јовановски присуствуваше на настан посветен на пуштање во употреба на Пречистителна станица за третман на отпадни води во Прилеп, проект финансиран со средства од ИПА и Буџетот на Република Македонија.

Премиерот Заев и амбасадорот Жбогар заедно со министрите и градоначалникот го означија почетокот на работата на најголемата пречистителна станица во Република Македонија од ваков тип со симболично притискање на старт копче.

По тој повод, премиерот Заев имаше свое обраќање во кое изрази огромна благодарност во име на граѓаните на Република Македонија до канцеларијата на Европската Унија во Македонија, амбасадорот Семуел Жбогар и граѓаните даночни обврзници од Европската Унија за посветениот пристап и огромната поддршка со којашто го помагаат инфраструктурниот и долгорочен развој на Република Македонија.

„Владата на Република Македонија директно соработува со општините во изградба и реализација на вакви капитални проекти. Тие се од огромна важност за подобрување на квалитетот на животната средина и со тоа квалитетот на животот на граѓаните. Определени сме да работиме на проекти што ќе значат примена на модерни технологии во области за третман на отпадните води, но и за преработка и рециклажа на цврстиот отпад што значително ќе придонесе за заштита на животната средина. Со оваа станица, пречистената вода ќе се враќа во градската река, со можност за произведување на биогас од отпадните и канализациони води,“ соопшти премиерот Заев.

Премиерот Заев порача дека Република Македонија ќе продолжи да учи и применува искуства од европските земји во управување со ваков тип на врвни технологии и рече дека ваквите иницијативи се јасен пример со којшто Европа ја носиме во Македонија низ убавите градови на нашата земја. На самиот крај од своето обраќање премиерот Заев им посака среќа на општина Прилеп, градоначалникот Јовановски и вработените во ЈКП „Водовод“ Прилеп во менаџирањето и работата со новата пречистителна станица.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски во своето обраќање најави дека околу 120 милиони евра средства од претпристапната поддршка на ЕУ и буџетска поддршка ќе бидат инвестирани во проекти коишто ќе значат заштита и унапредување на квалитет на животната средина.

„Денес успешно ќе започне со работа станицата којашто ќе врши третман на отпадна вода за 95.000 жители во градот Прилеп, дополнително кон веќе завршените три пречистителни станици во Струмица, Радовиш и Кичево, коишто ќе опслужуваат вкупно околу 126.000 жители во овие три општини,“ соопшти министерот Тевдовски.

Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски четирите пречистителни станици кои се завршени последниве четири месеци и двете нови за кои ќе се распише тендер до крај на година, ќе обезбедат почиста животна средина за 20 отсто од населението во државава.

„Во наредниот период планирано е да се спроведат проекти од областа на животната средина со вкупна вредност од околу 120 милиони евра, од кои најголем дел или околу 85% се грант средства од Европската Унија преку ИПА“- рече Тевдовски.

Тој посочи дека ваквите проекти се значајни од две причини. Прво бидејќи придонесуваат за почиста животна средина и подобри услови за живот на граѓаните и второ бидејќи учествуваат во економскиот раст.

Пред присутните гости и граѓани се обрати и заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули кој порача дека Министерството за животна средина и просторно планирање работи на приоретизирање на активности поврзани со финансирање од ИПА.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање посочи дека со изградба на пречистителните  станици за третман на отпадни води, од кои оваа во Прилеп е досега најголема финансирана во рамките на ИПА, не само што се исполнуваат законските обврски поврзани со третманот на урбаните отпадни води, туку демонстрираме и цврста решеност за инвестиции во заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

„Оваа година очекуваме со ваков обем на инвестиција во рамки на ИПА 2 да започне реализирање на пречистителните станици во о. Тетово, Битола и Штип, кои ќе се придружат на активностите за пречистителни станици и третман на отпадни води во Кочани, Делчево, Скопје, Кичево, Радовиш, Струмица и Вевчани,“ оцени заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.

По завршувањето на официјалниот дел од настанот, премиерот, министрите, амбасадорот на ЕУ и градоначалникот на општина Прилеп прошетаа во обиколка на објектите од пречистителната станица каде што одблиску претставници на ЈКП „Водовод“ им ги презентираа функциите и процесот на работа на пречистителната станица.