26/04/2024
Охрид

ОУ „Ванчо Николески“беше домаќин на наставници и ученици од партнер училиштето „Јунус Емре“ од с. Лисичани

Денес ОУ „Ванчо Николески“ беше домаќин на наставници и ученици од партнер училиштето „Јунус Емре“ од с. Лисичани, општина Пласница. Заедничката средба која се одржа во подрачното училиште во Косел, воедно е прва фаза од добиениот грант за Проектот за меѓуетничка интеграција, во чии рамки денес се реализираа 6 работилници, со учество на вкупно 50 ученици и 20 наставници. Учениците од двете училишта на интерактивен начин, а под водство на тандеми од наставници, учествуваа во биолошко – хемиска, географска, германска, македонско – турска, спортска работилница, како и психолошка работилница за препознавање и справување со врсничко насилство.

Целта на ваквите средби е преку интерактивни работилници да се бришат меѓуетничките бариери кај нашите ученици, како и да се промовира интеграција, толеранција и соживот со различните од нив. Втората фаза од проектот што ќе биде продолжение од овие работилници, а ќе се реализира во октомври во ОУ „Јунус Емре“ во Лисичани.

Паралелно, во ОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец се реализираат активности од добиениот проект од УСАИД, што е во вредност од 1 200 000 денари, а се однесува на реновирање на сите училници, училишниот хол, како и санитарните јазли од учениците. Овој проект се реализира со поддршка од Локалната самоуправа Охрид и јавните претпријатија, која е во вредност од 350 000 денари. ЈП „Градски пазар“ го уредува и оплеменува училишниот парк, ЈП „Градски гробишта“ поставува рампа за лица со посебни потреби и го уредува задниот дел од училиштето, а ЈП „Водовод“ и ЈП „Комуналец“ партиципираат во делот на санирање на водоводната мрежа во училиштето.

Со поддршка на целокупниот персонал во училиштето, како и родителите од Лескоец, активностите течат паралелно, а наставата и воннаставните активности се реализираат според планираното.

„Денешните работилници со нашите пријатели од партнер училиштето се одличен доказ дека ние како училиште сме спремни да ги реализираме сите наставни и воннаставни активности според наставните програми, паралелно со градежните активности во училиштето. Се трудиме да си искористиме сите материјално-технички и човечки капацитети за да не трпат учениците и наставата.“ – вели Елена Ел-Нади, директор на ОУ „Ванчо Николески“.

Исто така во ова училиште во тек се и подготовки за дочек и реализирање активности со наставници и ученици од 10 странски земји, што ќе се случува во ноември, а се во рамки на Еразмус плус програмата. ОУ „Ванчо Николески“ оваа година доби два Еразмус проекти, „Чиста средина – долг Живот“ и „Бришење бариери преку споделување на културното наследство“, а во месец ноември е домаќин на првите средби од двата проекти. Во следните две години наставници и ученици од ова училиште ќе имаат можност да соработуваат, меѓусебно да се посетуваат и да разменуваат искуства со нивни врсници и колеги од странски земји на разни теми.

Од училиштето напоменуваат дека ќе продолжат да реализираат активности што се во насока на создавање и подобрување на условите за престој и развој на учениците во училиштето, како и за подобрување на квалитетот на наставата.