Парк на пријателството или пак на непријателството?!
Парк на пријателството или пак парк на непријателството е хортикултурното решение после плажата „Bela Vista“? Ова прашање во главата ми се врти неколку денови, откако ја завршив попладневната прошетка со моето семејство на тој потег. Шокантно, нецивилизирано, некултурно, испокршени постаменти, мермерни плочи поставени да потсетат на пријателите на Охрид, на Македонија, кои во знак на тоа пријателство и ги засадиле сите тие дрвца, островца со цвеќиња и други хортикултурни растенија, кои сега стојат запуштени, обраснати во трева, препуштени сами на себе, без ни малку грижа за нив со цел тие да се развиваат, паркот да се проширува и да го облагородува просторот, што веројатно била и основната идеја.
Се засрамив кога поголема група на момчиња и девојки (странци) поминаа покрај нашиов „парк“ и вчудовидени подзастануваа и пробуваа да извлечат некаков впечаток од запуштениот и засрамувачки парк, кој е една многу лоша слика за самите нас, за нашиот град и секако нашата држава.
Се прашувам кој ни е сега виновен за оваа недолична глетка. Дали повторно е виновен некој друг за нашата негрижа за средината во која живееме, за тоа каква слика оставаме на луѓето кои го посетуваат нашиот град или вината треба да ја побараме во самите себе и во институциите кои не си ја вршат работата за која се платени.
Паркот е толку блиску до езерото, а далеку од водата, запуштен и неверојатно жеден.
Еден огромен минус за сите нас, се додека не го решиме овој проблем и продолжиме да партиципираме за поуреден, порепрезентативен Охрид, бидејќи нели ова исконско парче земја не е наше туку позајмено од идните генерации за кои треба и да го зачуваме.
читател на WebOhrid
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.