26/04/2024
Македонија

Пензиите растат, ранливите категории граѓани се згрижуваат; Се реконструираат запуштените објекти во здравството

На 42 седница на Собранието на Република Македонија, со единствена точка на дневен ред Прашање за доверба на Владата на Република Македонија, на настапите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ посветени на работата на Министерството за труд и социјална политика и на Министерството за здравство, реагираа министрите Мила Царовска и д-р Венко Филипче.

Министерката Царовска во своето обраќање пред пратениците во Собранието истакна дека, наспроти уништениот систем за социјална работа и на утврдените финансиски проневери во повеќе институции, Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика отпочнаа процес на деинституционализација на системот за социјална заштита, која претходната власт го кочеше.

Конкретните резултати од работата на Министерството за труд и социјална политика се видливи во повеќе области, а особено во делот на работата и згрижување на ранливите групи.

Министерката Царовска го посочи примерот со големиот број бездомни ромски семејства на локацијата Под Кале, за кои претходната влада не направи ништо. Тие денеска се сместени и згрижени во центар со обезбеден дневен оброк, а нивните деца се вклучени во образовниот систем. Дополнително на возрасните и работоспособни членови на овие семејства им е овозможено да се стекнат со квалификации за да бидат вклучени на пазарот на трудот на кој, со дополнителни мерки на владата, се здобија со приоритети за вработување.

Министерката Царовска, наспроти тврдењата дека нема зголемување на пензиите, ги наведе фактите според кои просечната пензија во јануари 2017 изнесувала 12.721, а на крајот од годината, во декември, достигнала висина од 13.954 денари. Со дополнителното усогласување во првите три месеци од оваа година, просечната изнесува 14.186 денари.

Министерот за здравство д-р Филипче истакна дека Министерството за здравство од претходната власт наследило долг во висина од 60 милиони евра само по основ на долгови кон домашни добавувачи и кон јавните здравствени установи. Наместо тие пари да бидат вложени во квалитетно здравство, актуелната влада и Министерството за здравство мораа да ги вратат долговите за да заштедат од каматите кои се закануваа да го зголемат долгот.

Опремата што ја набави претходната влада и претходното раководство на Министерството за здравство, во голем дел е сè уште неотпакувана и со изминат гарантен рок бидејќи нема каде да се смести, истакна министерот Филипче. Тој додаде дека тоа не е домаќинско работење, кога објектите во здравствениот систем се распаѓаат. Новите програми и мерки на актуелното министерство стартуваа и веќе се во реализација реконструкција на повеќе објекти низ земјата.

Министерот за здравство д-р Филипче истакна дека новите политики во здравството нема да отстапат од ослободување на партиципацијата и таа ќе се остварува во етапи до конечно ослободување на обврската за партиципација за болничко лекување.