27/04/2024
Охрид

Петкоска: Заевизмот и продолжената рака се чувствуваат и во Охрид

Денес во Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Охрид се одржа прес-конференција на која говореше Лидија Петкоска, советник во Советот на општина Охрид.

„Заевизмот и продолжената рака се чувствуваат и во Охрид. Воден од примерот на својот лидер, кандидатот за градоначалник Константин Георгиески, е успешен образец на матрицата на заевизмот наречена ветувам-негирам-заборавам! Но, граѓаните не забораваат за што го дале својот глас и го очекуваат ветеното.

Во населбата Видобишта беше ветено асфалтирање на улицата „Прва македонска ударна бригада“, изградба на тротоари и нејзино улично осветлување.

Зошто сè уште не е реконструирано детското игралиште кај Стобекс?

До кога жителите ќе очекуваат непречено функционирање на месната организација?

Нема никакво поставување на улично осветлување на улицата „Малесија“. Ќе почека и реконструирањето на уличната мрежа на споредните улици во населбата. За целиот овој период не успеаја да се постават барем хоризонтални ограничувачи на брзината на улицата „Момчило Јорданоски“.

Факт е дека приоритет не е конкретна помош за граѓаните туку вработување партиски и роднински кадри.

Почитувани, Ајде заедно да ги запрашаме:

Каде Ви е моралот, ако граѓаните не Ви се приоритет, каде Ви се одговорите кои се должни да ни ги дадете, нели Ви е срам што не реагирате на нашите барања? Не заслужуваме ли чесна, вистинита и релевантна информација за тоа каде одат нашите пари?

Очекувавме да покажете барем минимум човечка и политичка коректност и барем во периодот што измина да најдевте начин и да ги погледневте граѓаните во очи.

До кога ќе го применувате тој дегутантен и коруптивен образец при што граѓаните ги третирате како неписмена маса која копнее за своите стотина метри асфалт и не разбира која Ви е играта во позадина?

Разберете веќе еднаш дека граѓаните препознаваат кога се изиграни. Вие не одговоривте на нивните барања, но затоа тие на 21 април ќе Ви испратат повеќе од јасна порака!“ – истакна Петкоска.