Почина писателот и публицист Мишо Јузмески

Синоќа, ненадејно во 55 година од животот не напушти Мишо Јузмески од Охрид.  Јавноста ќе го запомни како водич, туристички агент, автор  и преведувач. Покрај својот мајчин македонски јазик, тој зборуваше  неколку европски јазици: бугарски, холандски, германски, англиски, француски, италијански, српски и шпански.

Во 1992 година учествувал во работата на првата приватна радио станица во Охрид. Во Супер радио работел речиси две години како уредник и водител на емисии. Во истата година се запознава со фотографот Атанас Талевски. Нивната средба ќе доведе до интензивна долгорочна соработка во областа на фотографската уметност.

Јузмески, интерес кон пишувањето покажувал уште во средношколските денови, а со активно пишување се занимава од 1999 година. Раскази и други текстови има објавувано во списанија и весници во Македонија, Бугарија, Чешка и други земји. Зад себе остави продукција од неколку книги и други публикации. Неговата прва книга, романот „Премин во маглата“, е преведена на англиски и бугарски јазик, додека други дела му се преведувани на бугарски, чешки и холандски јазик.

Фотографии има изложувано на самостојни и групни изложби а некои се објавувани како илустрации во разни публикации.

Во јуни 2011 година во Охрид, Мишо  го основа Културниот центар „Култура 365“, во кој се одржуваат изложби на уметнички дела и други културни манифестации. Набрзо тоа катче постанува култно и алтернативно собиралиште на луѓето од пишаната реч но и од сите уметности. Во овој простор постои и катче посветено на холандскиот писател А. Ден Долард па така Култура 365 со години беше неодминлива дестинација за туристите од Холандија.  Неговата најнова книга Explore Ohrid ( Истраѓи го Охрид) излезе од печат  во декември, 2020 и е прва негова книга објавена директно на англиски, без претходно да била објавувана на македонски јазик.

Издавач на книгата е  нашата НУ Библиотека „Григор Прличев“, Охрид.  Со години постооеше соработката помеѓу авторот и Библиотеката која има издадено неколку негови книги.

НУ Библиотека