09/11/2024
Дебрца

Положено свежо цвеќе на споменикот во Лешани и Српница

Ноќта на 5 декември 1943 година од Слатино Првата МКУП Бригада тргна на долг и напорен марш преку планината Галичица кон Егејска Македонија. Со неа тргнаа Главниот штаб на Македонија, ЦК на КПМ и англиската воена мисија при ГШ на Македонија.

Додека Бригадата се наоѓаше во Егејска Македонија, ситуацијата во Јужна и Централна Македонија мошне поволно се развиваше. Населението му даваше силен отпор на окупаторот и го помагаше ослободителното движење, кое се` повеќе се разгоруваше.

Имајќи го сето тоа предвид, како и потребата за повторно разгорување на востанието во Западна Македонија, ГШ на Македонија донесе одлука Првата МКУБ одново да се пробие на територијата на Дебрца. За овој долг марш Бригадата беше политички и војнички добро подготвена и снабдена со оружје и муниција.

На 19 април 1944 година, бригадата се подели на две самостојни групи на батаљони. Во составот на првата група влегоа првиот и вториот македонски батаљон и руската чета, формирана од советски заробеници кои пребегаа на страна на партизаните. Втората група ја сочинуваа третиот и четвртиот косовско – метохиски батаљон. Обете групи добија свои команданти и политички комесари, но нивните дејствија и понатаму ги обединуваше Штабот на бригадата.

Првиот дел од маршот до падините на планината Галичица се одвиваше според предвидениот план. Ноќта на 27 април двете групи на батаљони го продолжија патот кон селото Завој. Движејќи се по мошне тешкиот терен, по дожд и магла, утредента стигнаа во Завој. Изморени и гладни борците се сместија по селските куќи. Според планот, батаљоните требаше добро да се одморат, а потоа да се пробијат до село Велмеј, откаде од неколку правци да извршат напад против непријателските сили кај селата Ботун и Извор.

Меѓутоа, бугарите го открија движењето на батаљоните и упатија засилен одред кон селото, вршејќи притисок врз изморените борци. Требаше што поскоро да се напушти селото зошто на непријателот му доаѓаше засилување со камиони од Охрид и Ресен.

Две чети, македонската и косовската го задржуваа непријателот од правецот на Охрид и Ресен, а главнината на батаљоните по групи, се префрли преку патот.

Намерата на непријателот да им го пресече патот на партизаните, претрпе неуспех. Батаљоните тргнаа по планинскиот венец кон Дебрца со намера да се спуштат во село Велмеј, поради одмор.

На 29 април пред зори, единиците стигнаа во близина на месноста Српница. Се даде одмор и се испратија патроли за да ја испитаат околината.

Меѓутоа бугарите ја открија намерата на партизаните и по околните ридови ги сконцентрираа силите од охридскиот и ресенскиот гарнизон. Целта им беше да им го оневозможат на батаљоните преминот преку демаркационата линија и со опколување да ги уништат.

Во мугрите, патролите го известија Штабот за целосно опколување на нашите единици. По околните ридови, можеа да се видат бункерите и рововите кои беа предходно направени. Поради тоа Штабот реши да изврши напад врз непријателските сили.

Нашите единици се упатија кон утврдените непријателски позиции. Македонскаста група на батаљони јуришаше од западната, а косовската од источната страна на долината.

Се разви огорчена борба. Се редеа јуриш по јуриш, но непријателските утврдени позиции во правецот на Велмеј, не можеа да се пробијат. Командантот Петар Брајовиќ, увиде дека на тој правец непријателските сили се многу силни и нареди нападот да запре.

Мораше по секоја цена да се пробие обрачот. Непријателот, постојано довлекуваше нови сили и им се закануваше на единиците со потполно уништување.

Во текот на борбата беше забележано дека северната страна на непријателскиот обрач е многу послабо утврдена. За да се залажи непријателот се изврши силен напад со сите батаљони на западниот дел на непријателскиот фронт. На неговиот северен дел, немаше никакви дејствија.

Убедени дека партизаните немаат намера да извршат пробив, непријателската команда, најголемиот дел од своите сили го ангажира на правецот на партизанскиот напад.

По едночасовна жестока борба, вториот косовски батаљон спрема планот на пробивот, секавично јурна кон северниот дел на непријателскиот обрач, го проби и организира странични обезбедувања за извлекување на другите батаљони. Во текот на пробивот загина политичкиот комесар на косовската група батаљони, народниот херој Милош-Миќо Гилиќ.

Во низата силни јуриши врз бугарските утврдувања, занесена со борбата, десеттината на Амет Рахманоски од село Челопек, се проби длабоко во бугарските позиции, и не успеа да се извлече со единиците на батаљоните.

Бесни поради неуспехот, бугарските војници се нафрлија врз осамените партизани. Дожд од непријателски куршуми ја опсипаа партизанската десетина. Тешко ранетите борци не се предаваа. Со последните атоми на силата се бореа се` дотогаш, додека непријателските куршуми не ги одвоија засекогаш од оружјето.

Последен на позицијата остана борецот Стефан Танасков од Битола. Непријателскиот рафал му ги пресече обете нозе, но храбриот пушкомитралезецот не се одвојуваше од своето омилено оружје и стрелаше до последниот куршум. Кога повеќе немаше муниција, со револверот собори двајца бугарски војници, а последниот куршум го истрела во слепоочницата.

По успешно извршениот пробив, изморените борци маршираа цела ноќ, а утредента влегоа во село Слатино.

Следејќи го движењето на батаљоните, германците презедоа мерки да им го оневозможат преминот преку комуникацијата Охрид – Кичево. На 30 април, тие ги распоредија своите сили, засилени со балистите и тргнаа во напад во правецот на Слатино.

Изморените и ненаспани борци, јурнаа против непријателот и по двочасовна борба, непријателот беше разбиен и се повлече.

Во првите денови на Мај, единиците се собраа во село Црвена Вода, каде што беше разработен планот за повторно создавање на слободната територија. Реонот на дејствата од Подвис до Пресека им припадна на групата македонски батаљони. Косовската група батаљони доби задача да дејствува во реонот од село Мешеишта до Пресека. Се формираа и групи за онеспособување на мостовите, комуникациите и телефонските врски, при што беа урнати мостовите кај селата Мешеишта, Ботун и Песочан, а шините на железничката пруга кренати и скриени со помош на месното население.

На 3 и 4 мај започнаа офанзивните дејствија за целосно ослободување на Дебрца.

По повеќе дневни борби на територијата на Дебрца, батаљоните успешно ја извршија задачата која им ја постави ГШ на Македонија. Беа убиени и заробени стотици војници и офицери и запленето големо количество оружје, муниција и опрема. Со тоа одново се создаде голема, слободна територија. Населението на Дебрца воодушевено ги пречекаа своите борци.

На 8 мај германската 297 дивизија, зајакната со балистички сили презеде концентричен напад, со неколку колони – од страната на Струга преку Мешеишта и Малесија, а од страната на Кичево преку Јама и Извор.

Групата македонски и косовски батаљони по четири дневни борби кај Мешеишта, Ботун и Извор, се повлекоа од Дебрца преку Караорман во Малесија, без загуби.

Бесен поради неуспехот, непријателот својот бес го истури врз недолжното население. Многу села во Дебрца и Копачка беа претворени во пепелиште. На sверски начин беа убиени неколку десетици старци, жени и деца.

Сите овие борби се водеа во склоп на непријателската Пролетна офанзива во Македонија како дел од седмата непријателска офанзива во Југославија. Со оваа офанзива беше опфатена територијата на Источна и Западна Македонија и во неа учествуваа повеќе од 60 000 непријателски војници.

Фашистичките окупатори ја презедоа Пролетната офанзива со цел, уништување на Народноослободителното движење.

Во пролетната офанзива што траеше скоро два месеци, непријателот не ја постигна својата крајна цел – уништување на нашите сили, воено политичките структури и освојување на слободните територии. Напротив, се создаваа нови народноослободителни единици, нови слободни територии и се воспостави Народна власт на сите простори. По офанзивата скоро цела Македонија стана слободна територија. Окупаторите се повлекуваа и ги задржаа само поголемите градови, во кои немаа никаква поддршка од граѓаните.

НОВ и ПОМ со преку 100 000 борци, ја ослободи Македонија и со 15-от Корпус учествуваше во конечното ослободувањето на Југославија, со што даде голем придонес во победата над фашизмот и нацизмот.

Победата ја извојуваа борците и граѓаните на Македонија, без разлика на национална, верска и друга припадност, наспроти предавниците кои беа на страната на окупаторската, фашистичка власт.

На загинатите борци и жртви на фашистичкиот терор, нека им е вечна слава, да ги паметиме и не ги забораваме.

Денес во чест на храбрите борци кои загинаа кај Српница, делегација на ОО на СБ Охрид и Дебрца положи свежо цвеќе на споменикот во с. Лешани и споменикот во Српница.

Пред присутните за значењето на настанот, зборуваше претседателот на ОО Гоце Георгиески.

За овие настани и за НОАВМ треба да знаеме и од нив да учиме. Фашизмот и нацизмот да не се повторат.


WebOhrid / 29.04.2022 / СБ Охрид