20/06/2024
Охрид

Потенцијална соработка помеѓу Општина Охрид и Економски факултет, Универзитет – Љубљана

Потенцијална соработка помеѓу општина Охрид и Економски Факултет, Универзитет –Љубљана, беше една од темите на средбата која денеска ја остварија градоначалникот Константин Георгиески и деканот професор д-р Метка Текавчич.

Средбата се одржа на иницијатива на претседателот на Стопанска комора на Северна Македонија, Бранко Азески, кој воедно е и член на Меѓународниот советодавен одбор на Економскиот факултет во Љубљана, а присутна беше и Мелита Секуловска, регионален координатор за меѓународна едукација на Економски Факултет, Универзитет – Љубљана.

За почеток на соработката беше договорено да се превземат активности за реализација на заеднички проект помеѓу општината, Стопанската комора на Северна Македонија, Економски Факултет, Универзитет –Љубљана со можност за вклучување и на Стопанската комора од Словенија. Проектот е на тема, вклучувањето на Северна Македонија во Европската унија и потребата од продолжување на исполнување на обврските што стојат пред државата и покрај блокадите со кои се пролонгира почетокот на преговорите за влез во унијата.

Паралелно ќе се работи и на организација на меѓународна конференција за Европскиот пат на Република Северна Македонија која би се одржала во Охрид, од аспект на образованието, економијата, наука и туризмот, како пандан на конференцијата што се одржува во Порторож, со учество на врвни експерти од наведените области кои биле дел од преговорите за влез на Република Словенија во Европската унија. Се очекува нивните експертизи да дадат голем придонес во остварувањето на Европските цели на Република Северна Македонија, но и за искористување на потенцијалните можности  за развој на Охридскиот регион кои ги нуди Европската унија.