28/04/2024
Охрид

Предавање на тема „Рак на грлото на матката – причини, симптоми, тестови, стадиуми, превенција и лечење“

Посветени на своите активности во Здравствено-превентивната дејност, а во рамки на одбележувањето на Неделата на борба против ракот од 1-8 март, под мотото „Знаењето спасува живот“, Црвен крст Охрид организира активности насочени кон подигање на јавната свест кај општата популација за превенција и навремено дијагностицирање на малигните заболувања.

Во таа насока, а имајќи ги во предвид податоците за застапеноста и зачестеноста на појавата на рак на грлото на матката кај женската популација, Црвен крст Охрид во соработка со Младинскиот центар Охрид организира предавање на тема „Рак на грлото на матката-причини, симптоми, тестови, стадиуми, превенција и лечење“, кое ќе се реализира на 02.03.2023 (четврток) со почеток во 17 ч., во просториите на Младинскиот центар Охрид (Касарна Охрид). Предавач ќе биде Д-р Јасна Митреска, спец.гинеколог.

Секоја година во светот, над 12 милиони луѓе заболуваат од некој вид на рак, а 7,6 милиони луѓе умираат како последица на болеста. Во нашата држава, годишно се откриваат преку 6 илјади нови случаи на заболени од рак. Овие бројки се навистина застрашувачки и алармантни.

Експертите од Меѓународната унија за рак и Светската здравствена организација нагласуваат дека приближно 40% од карциномите можат потенцијално да се спречат и ризикот од развој на ракот може значително да се намали со примена на едноставни превентивни мерки и практикување на здрави животни навики.

Не се двоумете да дознаете повеќе за ракот на грлото на матката и грижата за своето здравје ја подигнете на повисоко ниво.


WebOhrid / 01.03.2023 / Црвен крст Охрид