25/04/2024
Македонија

Преку ИПА фондовите набавени 18 возила за МЗШВ и Платежната агенција и нова ИТ опрема со виртуелна база за МЗШВ

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со раководителот на Секторот за соработка при ЕУ, Никола Бертолини и со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, ги промовираа новите 18 возила и новата ИТ опрема, набавени преку ИПА фондовите. Вкупната вредност на набавката е 1,4 милиони евра, од кои 75 отсто се пари од ИПА, а остатокот се од национално кофинансирање. Оваа набавка е важна за зајакнување на техничките капацитетите на МЗШВ и Платежната агенција.

Од 18-те возила, 14 се наменети за потребите на Платежната агенција, за контрола на терен, додека другите 4 возила се наменети за потребите на МЗШВ. Министерот Николовски посочи дека модернизацијата на возниот парк на Платежната агенција е важна, за подобра мобилност на вработените и директна комуникација со земјоделците на терен. Во делот на ИТ опремата која што е за потребите на МЗШВ, министерот потенцираше дека се работи пионерски потфат, а МЗШВ е прва институција која што воведува ваков најнов ИТ виртуелен систем, со кој ќе се овозможи подобрување на сигурноста во работење и ќе се создадат многу подобри услови за соработка на администрацијата како и поедноставување на системот за управување со документација.

„Овој проект финансиран преку ИПА 2013 е значаен за техничкиот и институционалниот развој на Министерството и на Платежната агенција, што ќе придонесе за мобилноста на вработените во МЗШВ и во Платежната агенција и нивниот директен контакт со земјоделците. Овој проект се состои од најнова ИТ технологија за потребите на МЗШВ, која во моментов се инсталира, тоа се 300 „Thin Client“ компјутери кои се врзани на нова виртуелна база, тоа е најнова технологија и ние сме прво министерството во кое што се имплементира ваква ИТ опрема со која што се забрзува целата процедура на управување со документите, а со тоа и услугите кои ги даваме за земјоделците“,изјави министерот Николовски.

Раководителот на Секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ, Бертолини посочи дека земјата не може да егзистира без силен сектор за рурален развој.

„Ние сме силно посветени во поддршката на ова Влада за да го развиеме и поддржиме секторот за рурален развој. Оваа мала поддршка ќе направи административниот сектор да биде поефикасен во руралните области. Оваа мала помош која ја даваме е само дел од големата помош која ќе даваме во области како наводнување,земјоделство,фитосанитарни и ветеринарни услуги. Она што ме радува е тоа што овој сектор има комуникација и соработка со сите заинтересирани страни што дава за право кажеме дека со право сме ја доделиле оваа помош“, изјави Бертолини.

Директорот на Платежната Агенција, Бабовски изјави дека возилата ќе се користат за како техничка помош за побрзо искористување на средствата и нивна имплементација.

„Деновиве сме сведоци на добивањето на извештајот од Европската Унија во кој примарен дел зазема и земјоделство со зголемување на капацитети кои се потребни и на министерството и на Агенцијата. Ова е само прв дел од првите придонеси за понатамошен развој на Агенцијата“, изјави Бабовски.

Подобрената мобилизација со новите возила, се очекува да го намали времетраењето на извршувањето на теренските контроли, да одговри на барањата на земјоделците и да се зголеми директната комуникација на терен. Крајниот ефект ќе има придонес за ефикасна реализација на директните плаќања, Програмата за рурален развој и ИПАРД програмата.

Ваквиот технички потфат ќе допринесе во создавања на едно развиено и конкурентно земјоделство, а за Република Македонија клучна е реализацијата на владините политики и програми за поддршка кои се во согласност со евроинтеграциските процеси.