24/04/2024
Македонија

Премиерот Заев на дебата во Виена за европска иднина на Југоисточна Европа

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се обрати во Виена во австрискиот Институт за меѓународни односи (ОИП), организатори, заедно со Европскиот фонд за Балканот (ЕФБ) и Балканската советодавна група за политика во Европа, на дебатата на тема „Кон заедничка европска иднина на Југоисточна Европа – примерот на Македонија“.

На настанот присуствуваа истакнати претставници на научната и универзитетска јавност, во политиката, претставници на дипломатскиот кор, студенти, и граѓани од Македонија кои учат или живеат во Австрија.

Премиерот Заев, придружуван од владина делегација, од организаторите слушна значајна порака, дека сакаат да ја видат Република Македонија, како дел од Европската унија и порака дека сега е моментот, по позитивните промени во нашата држава, земјава да отпочне преговори со Унијата.

– За мене како премиер, но и мојата земја и граѓаните на Република Македонија, ми претставува голема чест да отвориме дебата од стратешко значење за земјата и регионот, за европската иднина на Југоисточна Европа преку случајот со Македонија.

Драги пријатели,

Македонија направи голем скок напред само за една година, од работ на неуспех кон нашите најголеми аспирации – ЕУ и НАТО.

Кога го потпишавме договорот со Грција за решавање на спорот и стратешкото партнерство поместивме планини и не треба да се сомневаме, тоа беше постигнато со нашата чесна желба за подобра сегашност и иднина на граѓаните на Македонија, регионот, Европа и светот, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, додаде дека „чудата се можни кога цврсто веруваме во вредностите“, а тоа во случајот со Македонија се европските вредности што, како што рече „нè поттикнаа да го изложиме целиот наш политички кредибилитет и да бидеме транспарентни, ова е нашиот пат, ние се отвораме кон целата политичка и општествена јавност и затоа напредуваме“.

Премиерот Заев посочи дека новата демокртаска Влада, по 10-годишен режим, влезе во „реформската акција за обнова и развој на демократските вредности, владеењето на правото и правдата, безбедноста на граѓаните и нивната економска стабилност, во обновата на односите со нашите пријатели во меѓународната заедница, во оживување на односите со сите пријатели на Македонија од меѓународната заедница“.

– Ние покажавме лидерство во обидот да ги затвориме сите отворени прашања со нашите соседи.

Благодарение на истите искрени напори на владите на Бугарија и Грција и зрелоста на земјите од сите земји во Југоисточна Европа, успеавме да испратиме силна порака – дека Западен Балкан или Југоисточна Европа, е Европа.

Европа е целосна кога сме заедно и денес ова е јасно за ЕУ, порача премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, изрази благодарност за огромната отворена поддршка од Република Австрија на Република Македонија. Тој се заблагодари и за помошта на нашите пријатели во ЕУ и НАТО и поради тоа што „работата на граѓаните, на Македонија, реформската агенда на Владата – се признаваат и даваат резултати“.

Премиерот Заев ги соопшти личните очекувања и очекувањата на граѓаните на Македонија.

– Очекуваме датум за отворање на преговорите со ЕУ. Затоа, повторно тука ја испраќам пораката – Ве молам да продолжите да не поддржувате. Добивањето датум за отворање на преговорите со ЕУ значи подобар животен стандард за граѓаните во Македонија. За регионот тоа ќе значи мотивација за политиката на отворени врати на Унијата. За Европа и светот, тоа ќе значи зајакнување на евро-атлантските перспективи за овој стратешки важен регион, што честопати претставуваше извор на конфликт, но сега тој се трансформира во извор на стабилност, безбедност и перспективи во светски рамки, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека „веќе имаме позитивен одговор со поканата на НАТО поддржана од генералниот секретар Столтенберг“ и изрази верба дека „нашата земја ќе се приклучи на семејството на НАТО како партнер и ќе стане 30-та членка на Алијансата“, што исто така ќе испрати позитивен сигнал до останатите земји во регионот.

– Отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ и добивањето покана за НАТО ќе даде одлучувачки придонес за успешно спроведување на историскиот договор со Грција. Договорот е историско достигнување, укажа премиерот Заев.

Тој посочи дека договорот со Грција е ратификуван, дека ќе се организира референдум на есен и изрази убедување дека „луѓето ќе ги поддржат вистинските одлуки“.

– Договорот потпишан помеѓу Македонија и Грција ќе ги подобри билатералните односи и позитивно ќе влијае на мирот и стабилноста во регионот. Ќе ја подобри регионалната соработка. Ќе ја зајакне евро-атланската безбедносна инфраструктура. Ќе биде надеж и ќе ги охрабриме другите во регионот да ги решат меѓусебните спорови. Погледнете што направивме со Договорот за пријателство во 2017 година со Бугарија, без странско посредување. Имаме големо охрабрување за билатералните односи, трговијата е зголемена за 12%. Опозицијата е вклучена во реформските процеси. И повикуваме на нивната поддршка за договорот со Грција, за стабилност и деблокада на перспективите кон НАТО и ЕУ, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев потсети дека Македонија го потпишаа Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ во 2001 година, доби кандидатски статус во 2005-та година и првата препорака во 2009-та година, кога остана во “чекалната” за подготовка за преговори за пристап.

– Денес сме подготвени и политички и институционално. Ние сме охрабрени од стратегијата за проширување на ЕУ. Ние ги имплементиравме условите поставени од страна на ЕУ во 2014/2015 година и имаме јасна препорака, рече премиерот Заев.

Тој посочи дека Македонија е лојален и сигурен партнер на НАТО со ангажманот во ИСАФ мисијата во Авганистан, со распоредени над 4.000 војници од 2002 година, дека земјата е посветена на армиските реформи (годишниот буџет се зголемува за 0,2% од БДП), како и на реформски процеси што им носат добро на граѓаните и на Македонија и се засноваат на демократските вредности кои се европско и глобално наследство: инклузивно управување, едно општество за сите, систем на добро владеење.

– Резултатите од реформите се продукт на бескомпромисна политичка волја за трајни реформи. Нашите водечки вредности се демократија, владеење на правото, независни институции и слободни медиуми. Ја почитуваме транспарентноста, одговорноста и вклученоста. Добивме резултати со Планот 3-6-9, а исходот беше позитивен извештај на Европската комисија. Нашите кумулативни резултати се слични на земјите коишто преговараат со ЕУ. Ќе останеме посветен на реформите во иднина, особено во  зајакнувањето на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата, порача премиерот Заев.

Тој посочи дека „над 75 отсто од граѓаните ја поддржуваат интеграцијата во ЕУ и НАТО, со чиишто членки делиме истите вредности.

– Ние докажавме дека РМ е посветен партнер, за време на мигрантската криза на ЕУ и во многу мисии на НАТО од 2002 година. Отварањето на преговорите за пристап во ЕУ ќе даде дополнителен поттик на процесот на реформи. Евро-атлантската интеграција подразбира консолидација на политичките реформи: одржлив политички дијалог, професионална јавна администрација, транспарентни институции, слободни медиуми. Евро-атлантската иднина е поттик за економски раст: стимул за инвестиции, поголема трговија, пристап до единствен пазар на ЕУ, зголемена мобилност на луѓе, стоки и капитал, пониски кредитни стапки. Тоа ќе ни помогне да создадеме нови работни места и да ги задржиме младите дома, посочи премиерот Заев.

Тој дополни дека Република Македонија беше во длабока политичка криза во 2015-2016 година, имаше авторитарен режим, заробување на државата, тензии со соседите и внатрешна поларизација, но дека направи квантен скок: од “заробена држава” до подобрување на демократијата.

– Сега сме функционално мултиетничко и мултирелигиозно општество, засновано на силно владеење на правото, земја во којашто граѓаните имаат еднакви права, но и еднакви обврски пред законот. Покажавме дека разликите може да бидат предност, а не пречка. Ние го носиме ова во Европа и ја збогатуваме Европа со традиција и култура. Македонија е мала земја, но голема надеж за Балканот. Ние сме позитивен пример и ги охрабруваме другите да ги удвојат напорите за реформи и да ги надминат споровите.

Ни треба лидерство за да се создаде нова балканска иднина, лидерство од политичарите во регионот, но и во ЕУ. Препознајте го моментот. Време е сега. Сакаме просперитетна иднина и да придонесеме за посилна ЕУ.

Го препознав моментот и јас сум подготвен да предводам во евро-атлантските перспективи на регионот, исто како што и Владата е подготвена да оди на овој пат. Тоа ќе биде силна порака и мотивација за граѓаните на Македонија, ако во последниве два дена добиеме датум за отворање на преговорите со ЕУ и ако поканата за влез во НАТО се реализира.

Во граѓаните на Македонија, европските граѓани добиваат сојузници во напорите за развиен, стабилен и свет на просперитет во којшто се почитуваат човековите права, што е нашата човечка политичка и човечка должност, рече претседателот на Владата, Зоран Заев на дебатата со научна, граѓанска и политичка јавност во Виена.

Во одговорите на прашањата премиерот Заев рече очекува позитивен референдум, дека Русија и Турција се исто така големи пријатели на Македонија со коишто нашата држава ќе продолжи да ја развива економската соработка, дека во врска со мигрантската криза нашата земја постапуваше и ќе продолжи да постапува во партнерство со ЕУ. Тој додаде и дека Македонија ќе продолжи да ги развува добрите односи со соседите и да ги применува европските вредности.