20/05/2024
Македонија

Премиерот Заев се сретна со експертот Ванхауте и претставници на ИРИ

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев се сретна со претставници на Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ) во Македонија и Питер Ванхауте, белгиски експерт и поранешен посредник на ЕУ, кој помагаше за реализирање на поголемиот дел од реформите кои беа потенцирани во Извештајот на Прибе.

На средбата, директорката на Програмата на ИРИ во Македонија, Илина Мангова и Марија Саздевски, менаџер на Програмата и за финансии изразија задоволство од соработката со Владата и одделните Министерства, поздравувајќи го унапредувањето на владеењето на извршната власт. Истовремено беше изразена поддршка за реформите и остварувањето на Планот 3-6-9.

Присутните го запознаа премиерот Зоран Заев со практиките и препораките за управување во сферата на јавната администрација, препораки за односите на Владата и Собранието давајќи поддршка на актуелните реформи во државата, кои се со цел побрзо остварување на реформските приоритети подготвени од Европската комисија за исполнување на условите за влез во Европската унија како и аспирациите за членство во НАТО.

Премиерот Заев, претставувајќи го како голем пријател на Република Македонија изрази задоволство од посетата на експертот Питер Ванхауте, кој како поранешен посредник на ЕУ во Договорот од Пржино беше вклучен во изработка на предлозите за медиумските реформи.

Заев и Ванхауте разменија мислења околу актуелната политичка ситуација во земјава, оценувајќи ги како исклучително позитивни, економските мерки кои се преземаат за стабилна бизнис клима и привлекување на странски инвестиции преку воведување на нови економски мерки кои се темелат на фер и транспарентна распределба како и чекорите кои придонесуваат за јакнење на довербата меѓу Република Македонија и Република Грција.

На средбата беше констатирано, дека отворањето дијалог со опозицијата во државата, актуелното решавање на отворените прашања со соседите како и одржувањето на пријателска атмосфера, сигурно ќе донесе до просперитет за граѓаните на Република Македонија и соседните држави.