26/04/2024
Македонија

Претседателот Пендаровски се обрати на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2020“ во Братислава

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2020“ во Братислава, на тема „Западен Балкан по Ковид-19“.

Потенцирајќи го извештајот на Европската Комисија од 2016-та година во којшто нашата земја се посочуваше како „заробена држава“, претседателот Пендаровски во своето обраќање истакна сега Северна Македонија е полноправна членка на НАТО и на чекор до формален почеток на преговорите со Европската Унија.

Во овој контекст, претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија е целосно подготвена за почеток на преговорите.  Исто така, како што посочи претседателот Пендаровски, „не очекуваме нова блокада, овој пат, од Република Бугарија“, додавајќи дека кон средината на овој месец предвидена е нова средба на македонско – бугарската комисијата за историски и образовни прашања.

„Како што договорот од Преспа реши повеќедецениски проблем, верувам дека во духот на договорот за пријателство и добрососедска политика, Република Бугарија нема да биде причина за ново разочарување за сите нас. Бидејќи ако се случи тоа, незадоволството кај нашите граѓани и кај политичарите ќе биде големо“, подвлече претседателот Пендаровски во своето обраќање.

„Токму овие денови, Европската Унија ја покажа својата солидарност кон земјите од Западен Балкан“, рече претседателот Пендаровски поздравувајќи ја одлуката на ЕУ да додели 9 милијарди евра во рамките на новиот економско-развоен пакет за државите од нашиот регион.

Осврнувајќи се на дијалогот помеѓу Србија и Косово, претседателот Пендаровски подвлече дека ќе ја поддржи одлуката на двете земји, каква и да е, се додека таа одлука придонесува за регионалната стабилност и не ги допира суверените права на соседните држави.

„Мојата главна улога како претседател на државата е да ги штитам националните интереси на мојата држава. Затоа бараме од меѓународната заедница кое било решение што ќе го постигнат Белград и Приштина да содржи гаранции за регионалната стабилност. За доброто на целиот регион , секако би сакале што поскоро да се постигне договор помеѓу Србија и Косово“ заклучи претседателот во своето обраќање на глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК2020“.

Прашан за иницијативата “Мини Шенген“, претседателот Пендаровски повтори дека ја поддржува бидејќи иницијативата е автентична идеја на нашите држави и ќе придонесе кон економската соработка во регионот и креирањето на регионален пазар. Секако, крајната цел е целосна интеграција во Европската Унија на сите држави на западниот Балкан.

https://www.youtube.com/watch?v=3__8veHXW-c&feature=emb_title