28/04/2024
Охрид

Преземени мерки против дивите кампери во Љубаништа

Денес, (22 јули 2023), во Љубаништа, беше спроведена координирана акција од страна на надлежните служби за заштита на плажата и природата. Оваа иницијатива, во која учествуваа Јавната установа Национален парк Галичица, Граничната полиција за ГП и ГН-Св. Наум, Секторот за Внатрешни Работи – Охрид и пазарната инспекција, имаше за цел да се справи со предизвикот од дивите кампери на ова прекрасно место.

Во рамките на акцијата, беа евидентирани над 20 диви кампери на плажата, што станува предмет на загриженост поради загрозувањето на животна средина. При спроведените активности беа забележани и неколку несоодветно направени септички јами, што уште повеќе допринесува за загадувањето на природата. Во склоп на акцијата, против дивите кампери беа преземени мерки, вклучувајќи издавање на мандатни казни и пријави, како и нивно дислоцирање и спречување на повторно поставување.

Дополнително, акцијата вклучуваше и употреба на градежна машина булдожер за да се обезбеди дека дивите кампери нема да можат да се вратат на истите локации во иднина.

Оваа акција ја подигна јавната свест и ја објаснува важноста на одговорното користење на слободните простори и природните ресурси. Местото каде што се спроведе акцијата е слободен простор кој не располага со соодветни услови за кампување, што е пропишано и со Планот за управување со НПГ, како и другите плански документи за регионот. Со непочитувањето на истото подрачјето се изложува на загадување и загрозување на убавината на една од најубавите плажи на источното крајбрежје на Охридското Езеро.

За заштита на природните богатства и животната средина, соработката помеѓу надлежните служби и граѓанската заедница има одлучувачка улога. Превентивните мерки кои се преземаат се насочени кон одржување на хигиенските стандарди и грижа за природното богатство, за да се обезбеди здрава и чиста средина за сите.


WebOhrid / 22.07.2023 / ЈУНП Галичица