28/04/2024
Македонија

Проекција на филмот „Сино срце“

На територијата на Република Македонија моментално се планираат над 400-тини хидроенергетски проекти. Половина од нив се предвидени во недопрена природа и во најживописните речни долини кои од секогаш ја подржувале благосостојбата на локалното население и дивиот свет.

Имајќи предвид дека глобалните температури забрзано растат, државите веќе прават напори за заштита на водените ресурси. Македонија е земја со изобилие свежа вода, меѓутоа бидејќи проценките за влијанието на климатските промени врз Македонија велат дека врнежите во земјата ќе се намалат за 15- 40% во периодот до 2050 година не прави особено ранливи на климатските промени.

Наместо да работиме на заштита на копнените води, ние планираме пресушување на реки и уништување на цели речни долини богати со биодиверзитет поврзан во сложени екосистеми.

„Хидроенергетските проекти засекогаш го менуваат текот на реките и животот во и околу нив. Без воспоставени зони за заштита на реките хидроенергетските проекти носат ризик од неповратна штета врз природата и човековата благосостојба. Бараме итно воспоставување на зони за заштита на реките!“ – вели Александра Бујароска од Фронт 21/42.

Со бесплатно прикажување на документарниот филм на Патагонија „Сино срце“ оваа сабота на 5 мај во Кино Култура во Скопје со почеток од 19:00 часот се отвора и националната петиција за воспоставување на зони за заштита на реките во Македонија.

„Свесноста за овој проблем треба да се подигне за да се зачуваат последните чисти и значајни реки во регионот. Токму затоа, би сакале да ги поканиме сите граѓани да ни помогнат во напорите за заштита на овие значајни природни богатства, да ја потпишеме петицијата „Зелени зони за Сини реки“ во што поголем број и гласно да кажеме НЕ за уништувањето на најскапоцениот природен ресурс.“ – вели Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.

Филмот „Сино срце“ зборува за борбата да се зачува Балканскиот рис во Македонија, за напорите за спас на реката Вјоса во Албанија, за жените од селото Крушцица во Босна и Херцеговина кои деноноќно чуваат стража на мостот над реката Крушцица за да ја спречат изградбата на нова хидроелектрана.

„Се надеваме дека овој филм ќе го привлече вниманието на меѓународната заедница кон локалните заедници кои се борат да ги заштитат слободните реки од кои зависат и ќе ги едуцира луѓето за тоа зошто хидроенергетските брани се стара, нечиста технологија”. Верувам дека овие диви места бараат и заслужуваат заштита. Да ги уништиме, особено за застарена и скапа технологија е едноставно фрлање на пари.”, вели Ивон Шуинард, основач на “Патагонија”.

Влезот на проекцијата за филмот „Сино срце“ е бесплатен и ние би сакале да ги поканиме сите заинтересирани граѓани да дојдат да го проследиме заедно и да ја потпишеме петицијата.