02/05/2024
Македонија

Промовирана новата поштенска марка „Скопје се сеќава 1963 – 2023“

Програмата за развој на Обединетите нации во партнерство со АД Пошта на Северна Македонија ја промовираше новата поштенска марка „Скопје се сеќава 1963 – 2023“ издадена по повод одбележувањето шест децении од разорниот скопски земјотрес.

По иницијатива на УНДП, поштенската марка е испечатена во 6000 примероци по дизајн изработен од Лоран Куфало, со препознатливиот стилизиран мотив на часовникот на Старата железничка станица и специјалното изработено лого по повод јубилејот. Марката е достапна во продавницата на Филателија при Пошта во Скопје со номиналната вредност од 36 денари.

„Новата поштенска марка изработена во партнерство со АД Пошта е во состав на активностите на УНДП за одбележување на 60 годишнината од земјотресот во Скопје. Марката ќе остане како сведок на отпорноста на градот Скопје и сигурен сум дека сите љубители и колекционери – филателисти ќе ја препознаат нејзината важност во одбележувањето важни историски моменти за идните генерации“, истакна Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.

Пригодната марка, промовирана денеска, ќе остане своевиден доказ за храброста и надежта на скопјани, и за солидарност која го обедини светот после најголемата катастрофа во поновата историја на градот.

„АД Пошта досега има издадено повеќе едиции поштенски марки со скопски мотиви. Така е и денеска, кога се сеќаваме на огромната катастрофа. Шеесет години подоцна, нѝ беше посебно задоволство што имавме можност да работиме и за овој значаен јубилеј на нашиот главен град“, изјави Бујаре Абази, генерална директорка на АД Пошта на Северна Македонија.


WebOhrid / 27.07.2023