27/04/2024
Охрид

Реализирана показна вежба за евакуација при пожар и земјотрес во СОУ „Св.Кирил и Методиј“

Во организација на Отсекот за превенција при СВР Охрид, Територијалната противпожарна единица и Црвен Крст Охрид, денес во Средното општинско училиште „Св.Кирил и Методиј“ – Охрид се спроведе показна вежба за евакуација при пожар и земјотрес.

Вежбата се реализира по претходно утврдено и разработено сценарио за дејствување и евакуација по случен земјотрес и пожар, а се реализира во координација со Дирекцијата за заштита и спасување чии претставници ја следеа практичната реализација. Вежбата има превентивен карактер, а целта е подигнување на степенот на безбедносни мерки и подготвеност кај учениците и наставниците за поефикасна заштита при земјотреси, пожари и други елементарни непогоди. Показната вежба се спроведува согласно планот за евакуација при несреќи и планот за работа на училиштата за практично да се види како би реагирале наставниците и учениците во случај на елементарни непогоди, колку ефикасно би била спроведена безбедна евакуација, каква е координацијата со образовните центри туку и со другите фактори коишто беа инволвирани во реализацијата на оваа показна вежба.

Показната вежба треба да придонесе за изготвување на поефикасни планови, за подоследно, поцелосно и поефективно спроведување на мерките кои се предвидени при процес на евакуација.