27/07/2024
Македонија

Реализирани 110 проекти од драмска дејност во 2017

Во програмата за драмска дејност на Министерството за култура за 2017 година реализирани се вкупно 110 проекти на националните установи како и проекти поддржани на Годишниот конкурс за финансирање проекти од областа на драмската дејност – независна и алтернативна продукција, театарски манифестации и фестивали и драмски аматеризам…

На сцените од националните установи, публиката имаше можност да проследи 43 премиерни изведби по текстови од домашното и од светско творештво, во режија на афирмирани режисери од земјава и од странство меѓу кои: Коле Ангеловски, Наташа Поплавска, Мартин Кочовски, Андреј Цветановски, Синиша Евтимов, Александар Ивановски, Јани Бојаџи, Сулејман Рушити, Нехат Мемети, Ќендрим Ријани, Аександар Морфов, Диего де Бреа, Џон Блондел, Лука Кортина, Агон Мифтари и др.

Репертоарот на театрите беше збогатен со поставување претстави од сопствени средства и од други извори, а беа реализирани и 21 независен и алтернативен проект на македонски и на албански јазик. Во областа на драмскиот аматеризам пак се реализираа 18 проекти од кои 8 во продукција на национални установи и 10 во продукција на локални установи.

Со поддршка на Министерството за култура во нашата земја во 2017 година беа реализирани и 26 фестивали и манифестации меѓу кои: Интернационалниот театарски фестивал за аматерски, алтернативни и експериментални театри „Лица без маски”, Фестивалот на монодрама во Битола, куклениот фестивал „Дебарска кукла“ во Дебар, драмскиот аматерски фестивал на Република Македонија во Кочани, „МНТ Фест“ во Скопје, театарскиот фестивал ”Војдан Чернодрински”, потоа „Битола Шекспир Фестивал“, фестивалот на камерен театар „Актерот на Европа“ во Ресен, „Ристо Шишков” во Струмица, театарскиот фестивал за деца и младинци „Малиот принц“ во Штип, Млад отворен театар, Денови на комедија, меѓународниот фестивал на пантомима и физички театар “ПАНФИЗ” во Скопје, Скупи фестивал, фестивалот на античка драма „Стоби”, фестивалот „Албански театар во Македонија” во Дебар, меѓународниот драмски фестивал за лица со и без хендикеп „Игри без маска – театар без дискриминација“ и др.

Театрите изминатата година остварија бројни гостувања и учества на повеќе фестивали во соседството, Европа и во светот како во Србија, Црна Гора, Косово, Република Српска, Босна и Херцеговина, Хрватска, Албанија, Бугарија, Турција, Романија, Унгарија, Австрија, Словачка, Русија, Германија, Јужна Кореја, Канада и во Израел.

Потврда за успешните гостувања се и наградите на МНТ за најдобра претстава, за најдобра машка и женска улога на Меѓународниот театарски фестивал МИТЕМ во Будимпешта, Унгарија и на 41. Меѓународен театарски фестивал „Денови на сатира Фадил Хаџиќ“ во организација на Театар Керемпух, Хрватска. Театар Комедија на Првиот регионален фестивал на комедија „Насмевка на Сараево“ во Сараево, Босна и Херцеговина, ги доби наградите за најдобра претстава и за најдобра машка улога. Албанскиот театар на меѓународниот театарски фестивал на албанска драматургија „Огнот на Талиа“ во Гњилане, ја доби наградата за најдобра претстава и за најдобра главна женска улога, на театарскиот фестивал „КОКО фест“ во Корча, Албанија наградата за најдобра претстава и за најдобар млад уметник и на театарскиот фестивал во Урошевац, награда за најдобра претстава и за најдобар актер во споредна улога.

Турскиот театар на 44-от Интернационален фестивал на алтернативен и нов театар „Инфант“ во Нови Сад, ја доби наградата за најоригинално истражување на еден сегмент од театарскиот јазик, а пак Театарот за деца и младинци за претставата „Петар Пан“ на фестивалот на кукларство во Подгорица, освои две награди: награда за актерско мајсторство и награда за најдобра сценографија.

Особен интерес кај македонската публика побуди фестивалот „Иван се враќа дома“ во МНТ на кој гостуваше Московскиот театар „Мастерскаја П. Фоменко”. Фестивалот беше одлична можност љубителите на театарската уметност да ги проследи театарските спектакли во режија на Иван Поповски, кои претходно предизвикаа огромен интерес кај руската, но и кај европската публика.