05/03/2024
МакедонијаСтруга

Реконструкцијата на државниот пат Струга – Ќафасан ќе заврши до есен

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми и градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, денеска извршија увид во градежните работи на рехабилтација на регионалниот пат Струга – Ќафасан. 

Рехабилитацијата се реализира во должина од 19,3 километри, на потег од кружниот тек Подмоље па се до граничен премин Ќафасан.  Предвидена е целосна рехабилитација на патниот правец со поставувњае на нов асфалт. Инвестицијата е во вредност од 8 милион евра. 

„Ова е многу значен патен правец бидејќи го поврзуваме граничниот премин Ќафасан и Република Албанија и е дел од Коридор 8. Со средства од ЈП за државни патишта го рехабилитираме за да овозможиме квалитетна патна врска за граѓаните на Струга, Охрид, Дебар и пред се поради регионалното поврзување. Имаме обврска да создадеме квалитетна патна мрежа низ државата и оваа година имаме силна инвестициона активност за да го постигнеме тоа. Овој патен правец е дел од нашите инвестициони планови и оваа година до есен планираме да биде завршен.” – изјави министерот Бочварски.   

„Во овој момент имаме прогрес на градежните работи  преку 20 проценти. Со проектот предвидено е целосно рехабилитирање на патот до граничен премин Ќафасан. Патот е со две ленти од 3,5 метри а планирано е да се постават и нови  банкини. Предвидено е да се рехабилитираат и три мостови на патниот правец. Со рехабилитацијата ќе ја подигнеме безбедноста во сообраќајот на оваа делница. Очекувам до октомври патот целосно да го рехабилитираме.” – истакна директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.

Според градоначалникот на општина Струга, реконструкцијата на овој патен правец е од огромно значење заради регионалното поврзување, развој на економијата и локалниот развој на регионот.