Средба на претседателот Иванов со министерот за надворешни работи на Литванија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими министерот за надворешни работи на Република Литванија, г. Линас Линкевичиус.

На средбата беше заемно констатирано дека односите меѓу двете земји се традиционално добри и пријателски, со чести средби и континуиран политички дијалог.

Двајцата соговорници разменија мислења околу можностите за развој на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Република Литванија, како и за надворешно политичките приоритети и актуелните состојби во двете земји.

Претседателот Иванов се заблагодари за досегашната поддршка од Литванија во однос на европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија, и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина.

На средбата, македонскиот претседател ја потенцираше потребата од доследно спроведување на реформите, со цел надминување на предизвиците и заокружување на интеграциските процеси на Република Македонија.