13/07/2024
Дебрца

Се реализираат низа градежни проекти низ општина Дебрца

Изминативе неколку недели па се до крајот на 2019 година, се реализираат неколку клучни градежни проекти во Дебрца.

„Официјално започнавме со реализацијата на уште еден значаен инфраструктурен проект, со што исполнуваме уште едно дадено ветување – изградба на доводен цевковод за водоснабдување на селото Слатински Чифлик, единственото село во Дебрца кое нема водоснабдителен систем.

Проектот предвидува изградба на доводен цевковод од село Издеглавје до село Слатински Чифлик, во должина од 2586,60 метри, при што ќе бидат поставени полиетиленски водоводни цевки, PE 100 од 10 bari со DN 90, а ќе бидат изградени и шест ревизиони шахти.

Градежните работи ги изведува фирмата “Маркоски К73”, од Струга, а средствата, во износ од 3.491.010 денари се обезбедени од Бирото за регионален развој, Програмата за финансирање на проекти за развој на подрачја со специфични развојни потреби за 2019 година.

Деновиве преку Министерството за транспорт и врски ќе биде објавен и тендерот за изградба на резервоар за водоснабдување на село Издеглавје, со што конечно ќе биде решен проблемот со водоснабдувањето на двете села.

Во Лешани по завршувањето на сезоната за наводнување продолживме со изградбата/регулацијата на канал за наводнување во должина од 500 метри.“ – истакна градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Во Оровник работите на хортикултурното уредување на просторот кај јарболот со државното знаме влегуваат во завршна фаза.

„Работиме во горниот / стариот дел на село Требеништа.

Го уредуваме просторот околу чешмата кај црквата „Св.Мартинија”.

Работиме на решавање на одводот на атмосферските води, а набргу ќе извршиме и тампонирање на патот до црквата „Св.Петка”, во должина од 1 км. Продолжуваме да градиме по Планот.“ – додаде Ногачески.